Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

  • Во она што може да биде огромна промена за забрзување на темпото на игра се предлага одбројување за играчите што изведуваат аут или гол-аут, како што е сега со одбројувањето од осум секунди кога голманот ја држи топката во раце, а има предлог и за тоа заменетиот играч да мора да го напушти теренот во рок од 10 секунди

Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) на состанокот завчера во Лондон стави посебен фокус на изгубеното време во текот на фудбалските натпревари и беа одобрени три идеи што треба да бидат применети на Светското првенство (СП) годинава, пишува „Би-би-си“.
Во она што може да биде огромна промена за забрзување на темпото на игра се предлага одбројување за играчите што изведуваат аут или гол-аут. Ако тоа изведување потрае предолго, поседот на топката ќе се промени. Така, гол-аутот би можел да стане корнер, како што е сега кога голманот ја држи топката во раце подолго од осум секунди.
Два други предлога што беа успешно испробани во американската фудбалска лига (МЛС), исто така, треба да бидат додадени во правилата, пишува „Би-би-си“. Беше договорено дека заменетиот играч мора да го напушти теренот во рок од 10 секунди. Ако не успее да го стори тоа, резервниот фудбалер нема да може веднаш да влезе на теренот, а тимот мора да игра со 10 фудбалери.
Играчите што ќе излезат од теренот поради повреда, исто така, ќе мора да отсуствуваат подолг период. Тоа е 30 секунди во англиската Премиерлига, што е регулатива на тоа натпреварување. Ова ќе биде загарантирано со правило, а точното време ќе биде дополнително утврдено. Во МЛС тоа е две минути.
Техничкиот директор на ИФАБ и поранешен судија во Премиерлигата, Дејвид Елереј, рече дека ограничувањето за голманите што ја држат топката во раце покажува дека „ако имате силно средство за одвраќање, можете да го промените однесувањето на играчите“.
– Сакаме да го примениме тој принцип на промена на однесувањето на фудбалерите за да ја забрзаме играта, бидејќи сме свесни дека додавањето време не ја запира главната цел, а тоа е нарушување на темпото на игра. Целта ни е да ги намалиме бројот и времетраењето на запирањата на играта со тоа што ќе имаме ефикасни средства за одвраќање – рече тој, пренесе „Би-би-си“.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) верува дека на Светското првенство годинава системот видеопомошник-судија (ВАР) има ресурси за да ги прегледа сите корнери, пред да бидат изведени. Се смета дека проверката на корнерите речиси секогаш ќе биде завршена пред да се постават тимовите, така што нема да се губи време, туку ќе се донесе правилна одлука. Технологија за „поврзана топка“, исто така, би ги забрзала сите проверки.
Имаше поголема согласност за втор жолт картон покажан на еден играч на еден меч и ќе се воведат прегледи со ВАР таму каде што тие очигледно се погрешно покажани. Потенцијалните прекршоци за кои може да се добие втор жолт картон, пак, нема да бидат предмет на преглед, пишува „Би-би-си“.
Канадската Премиерлига е подготвена да го испроба правилото за офсајд на Арсен Венгер. Предлогот сега ќе се разгледува на годишниот генерален состанок на ИФАБ во Кардиф, а ако биде одобрено, тестирањата ќе почнат кога ќе почне канадската Премиерлига годинава, а и други лиги ќе бидат поканети да учествуваат во пробниот период, пишува „Би-би-си“. Венгер, кој е раководител на одделот за глобален развој на фудбалот во ФИФА, предлага да има целосен јаз помеѓу напаѓачот и претпоследниот противнички играч.
– Прво мора да го пробаме радикалното решение и да видиме дали треба да се вратиме од тоа – рече Венгер по состанокот во Лондон. Н.М.