ФУДБАЛ
- Триминутни паузи се предвидени на средината од секое полувреме на натпреварите, без оглед на временските услови
Фудбалерите на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада ќе имаат триминутни паузи за хидратација во секое полувреме на натпреварите, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Во поедноставена верзија на паузите што се користеа на некои претходни турнири, вклучувајќи го и клупското Светско првенство годинава, судијата ќе го прекине натпреварот 22 минути по почетокот на секое полувреме за да им овозможи на играчите да се рехидрираат.
Нема да има временски или температурни услови, а паузите ги одредува судијата во сите натпревари, за да се обезбедат еднакви услови за сите репрезентации, во сите натпревари, пишува ФИФА.
– За секој натпревар, без разлика каде се играат натпреварите, без разлика дали има покрив или каква е температурата, ќе има пауза од три минути за хидратација – рече Маноло Зубирија, главен директор на СП 2026.
Употребата на паузи за хидратација е дел од фокусиран обид да се обезбедат најдобри можни услови за фудбалерите, потпирајќи се на искуствата од претходните турнири, вклучувајќи го и неодамнешното клупско Светско првенство што се одржа во САД. Распоредот на натпреварите за СП 2026 е дизајниран да ги минимизира патувањата за репрезентациите и за гледачите, да ги максимизира деновите за одмор помеѓу натпреварите за сите селекции и да се овозможи најшироката можна глобална публика да ја следи својата репрезентација во различни временски зони, пишува Светската фудбалска федерација.
Ова вклучуваше техничка анализа на сите места, од просечни температури и инфраструктура за ладење до јавен превоз и безбедност, како и соработка помеѓу различни функционални области на ФИФА, вклучувајќи управување со натпревари, тимски услуги, медицински услуги, телевизија и емитување и билети, пишува ФИФА.
Светската фудбалска федерација планира три церемонии на отворање за почеток на турнирот, за првиот меч, на 11 јуни во Мексико Сити (Мексико – Јужна Африка) и пред првите натпревари на другите земји домаќини, на 12 јуни во Торонто (Канада – репрезентација од европскиот плејоф А) и во Лос Анџелес (САД – Парагвај). Покрај тоа, на финалето на Светското првенство в година, на 19 јули на стадионот во Њу Џерси, првпат ќе има шоу на полувремето, како и традиционална церемонија на затворање, пишува ФИФА. Н.М.

































