Фото: ЕПА

Грузија стана 36-та селекција што ќе заигра на европските првенства. Со тоа и на 17-то ЕП ќе има репрезентација дебитант, како што беше случај на сите досегашни европски шампионати. На минатото ЕП, во 2021 година, тоа беа репрезентациите на Македонија и на Финска. Досега четири селекции ја освоија европската титула во нивниот прв настап, а уште 11 беа меѓу четирите најдобри

ФУДБАЛ

Од 24-те фудбалски репрезентации што се пласираа за годинашното Европско првенство (ЕП), 23 претходно биле на ЕП, а победникот во плејофот од лигата Ц, селекцијата на Грузија, ќе дебитира на првенството во Германија, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Грузија се пласира на ЕП 2024 со победата на пенали на натпреварот со Грција (0-0 по 120 минути игра) и стана 36-та селекција што ќе заигра на континенталното првенство.
Од другите два плејоф-дуела, на ЕП во Германија се пласираа репрезентацијата на Полска (петти настап, претходно во 2008, 2012, 2016 и во 2021 година) и на Украина (четврти пат, претходно во 2012, 2016 и 2021 година). Полска го победи Велс, на пенали (по 120 минути игра беше 0-0), а Украина го совлада Исланд со 2-1.
Со тоа и на 17-то европско првенство ќе има репрезентација дебитант, како што беше случај на сите досегашни европски шампионати. По една селекција што првпат настапи на ЕП имаше и во 1976, 1980, 1988, 2004 и во 2012 година (Холандија, Грција, Република Ирска, Летонија, односно Украина). На минатото Европско првенство, играно во 2021 година, дебитанти беа репрезентациите на Македонија и на Финска.

ПРВАЦИ НА ДЕБИТО

Четири фудбалски селекции ја освоија титулата на европските првенства во нивниот прв настап, а од неодамнешните шампионати, Велс имаше одличен резултат на своето деби на ЕП, во 2016 година, пишува УЕФА. Победници на првото учество на европските првенства беа репрезентациите на СССР во 1960 година, Шпанија во 1964-та, Италија во 1968-та и на Западна Германија во 1972 година.
Само 17 репрезентации влегоа во квалификациите за првиот „Куп на европските нации“, кој, како и следното првенство, одржано во 1964 година, беше директно натпреварување со нокаут-натпревари. По успехот на СССР на првиот шампионат во Франција, Шпанија и Италија ги освоија своите први титули како домаќини на финалињата, а потоа Западна Германија (придвижувана од машината за голови Герд Милер) го освои изданието во 1972 година, откако го победи домаќинот Белгија во полуфиналето, пишува УЕФА.

ПЛАСМАН МЕЃУ ЧЕТИРИТЕ НАЈДОБРИ

На своето деби на ЕП финалист беше селекцијата на СФР Југославија, во 1960 година, а меѓу четирите најдобри се пласираа и Чехословачка (во 1960 година, трето место), Франција (1960 г., четврто), Унгарија (1964 г., трето), Данска (1964 г., четврто), Англија (1968 г., трето), Белгија (1972 г., трето), Холандија (1976 г., трето), Португалија (1984 г.), Шведска (1992 г.) и Велс (2016 г.), пишува УЕФА.
Заклучно со ЕП во 1976 година на турнирите играа само по четири репрезентации. Од 2016 година на ЕП настапуваат по 24 репрезентации, а на тоа првенство Велс, инспириран од Герет Бејл, постигна голем успех. Избраниците на селекторот Крис Колман ја поминаа групната фаза, а потоа ги победија Северна Ирска и Белгија пред да загубат во полуфиналето од подоцнежниот шампион Португалија, пишува УЕФА. Н.М.


УСПЕСИ НА ДЕБИТАНТИТЕ НА ЕП

ГОД. РЕПРЕЗ. ПЛАСМАН
1960 СССР титула
1960 СФР Југославија второ место
1960 Чехословачка трето место
1960 Франција четврто место
1964 Шпанија титула
1964 Унгарија трето место
1964 Данска четврто место
1968 Италија титула
1968 Англија трето место
1972 З. Германија титула
1972 Белгија трето место
1976 Холандија трето место
1984 Португалија полуфинале
1992 Шведска полуфинале
2016 Велс полуфинале

Извор: УЕФА


ЕП 2024, ДВОЈКИ, ПРВО КОЛО

Група А
Германија – Шкотска 14 јуни
Унгарија – Швајцарија 15 јуни
Група Б
Шпанија – Хрватска 15 јуни
Италија – Албанија 15 јуни
Група Ц
Словенија – Данска 16 јуни
Србија – Англија 16 јуни
Група Д
Полска – Холандија 16 јуни
Австрија – Франција 17 јуни
Група Е
Романија – Украина 17 јуни
Белгија – Словачка 17 јуни
Група Ф
Турција – Грузија 18 јуни
Португалија – Чешка 18 јуни