Тоа ќе биде многу, многу интересно натпреварување. Првпат се натпреваруваат најдобрите клубови низ светот. Тоа е, би рекол, дополнителна одговорност за нас, за судењето, бидејќи сакаме да ги имаме нашите судии подготвени во најдобри услови кога ќе почне СП, рече Колина, претседател на Одборот за судии на ФИФА
ФУДБАЛ
Судии од целиот свет учествуваа на семинари организирани од Светската фудбалска федерација (ФИФА), како дел од напорите да се обезбеди највисок можен стандард за судење на инаугуративното клупско Светско првенство (СП) годинава. Турнирот со 32 тима, кој ќе се одржи во САД, ќе воведе нова ера за глобалниот клубски фудбал, пишува ФИФА.
– Тоа ќе биде многу, многу интересно натпреварување. Првпат се натпреваруваат најдобрите клубови низ светот од секој агол на светот. Тоа е, би рекол, дополнителна одговорност за нас, за судењето, бидејќи сакаме да ги имаме нашите судии подготвени во најдобри услови кога ќе почне натпреварувањето – рече претседателот на Одборот за судии на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.
Како и секогаш, ФИФА ги следи настапите на официјалните претставници на мечевите во домашни и меѓународни натпреварувања. Масимо Бусака, директор за судење на ФИФА, рече дека е важно судиите да се незабележливи на теренот.
– Мораме да гледаме фудбал и голови, а не судење. Судијата, секогаш велам, е актерот што не смеете да го видите во текот на натпреварот. Веруваме во нашата филозофија, веруваме многу во нашето фудбалско разбирање, веруваме многу во позиционирањето, читањето, исчекувањето, комуникацијата, сите вештини се клучни за еден судија затоа што треба да ги разбереме играчите и тимовите, а не (дека) тимовите и играчите треба да нѐ разберат нас – рече Бусака, пренесе ФИФА.
По измените на правилата на играта одобрени од Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) во март годинава, на годинашното клупско Светско првенство ќе има и нови правила, меѓу кои и едно дизајнирано да го намали губењето време од голманите. Ако голманот ја држи топката подолго од осум секунди, при што судијата визуелно одбројува од пет секунди, судијата ќе досуди корнер за противничката екипа, наместо како досега индиректен слободен удар за задржување на топката повеќе од шест секунди, пишува ФИФА. Судиите, пак, ќе имаат камери на пробна основа откако тестовите беа одобрени од Меѓународниот фудбалски борд.
– Сметаме дека е добра шанса да им понудиме на гледачите ново искуство, во однос на фотографии направени од таа перспектива, од агол на гледање што никогаш порано не бил понуден. Тоа исто така има цел во однос на обуката на судиите, затоа што, се разбира, можноста да се види што гледа судијата е важна, да се оцени како одлуката била донесена од судијата, кој бил неговиот поглед и така натаму. Значи, тоа е комбинација од ново искуство за радиодифузерите и за тренерските цели – рече Колина. Н.М.