Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Новата технологија ќе им каже на судиите веднаш да го прекинат мечот ако играч е повеќе од 10 см во офсајд. Тоа е една од најзначајните иницијативи и има цел да ги намали непотребните одложувања за одлука за офсајд

Реформираното клупско Светско првенство (СП) почнува утре со мечот Ал Ахли – Интер Мајами (од 2 часот), на првиот планетарен фудбалски клупски шампионат на кој ќе играат 32 клуба од целиот свет. На првенството ќе има неколку новитети, како, на пример, дека ќе се користи забрзана полуавтоматска технологија за одредување офсајд, која ќе им каже на судиите веднаш да го прекинат натпреварот ако има играч што е повеќе од 10 сантиметри во офсајд, пишува „Би-би-си“. Тоа е една од најзначајните иницијативи за СП 2025 и има цел да ги намали непотребните одложувања за одлука за офсајд. Помошните судии ќе го добијат известувањето веднаш наместо да чекаат технологијата да ја провери ситуацијата, како што е случајот со полуавтоматизираните системи што се користат во повеќето големи лиги.

Забрзаната полуавтоматска технологија за офсајд нема да функционира ако играч што не игра со топката е во офсајд или ако има мешаница.
– Од самиот почеток им кажавме на помошните судии „ако има сомнеж, држи го знамето долу“. Ако го кренете знамето, запира сѐ, вклучително и можноста ВАР да ви помогне. Но свесни сме дека тоа доведе до некои последици. Веројатно помошните судии отидоа малку далеку. Она што беше сомнеж стануваше сѐ поголемо. И покрај оваа технологија, ги потсетивме помошните судии да бидат похрабри, да го кренат знамето кога офсајд е офсајд. Два метра офсајд не може да доведе до сомнеж – рече Колина, претседател на Комитетот за судии на Светската фудбалска федерација, пренесе „Би-би-си“.

Меѓу другите новитети е и тоа дека судиите ќе носат камери на телото, ќе има одбројување од осум секунди за голманите да ја пуштат топката од рацете (во спротивно ќе се досуди корнер за противникот) и снимките од системот видеопомошник-судија (ВАР) ќе им се прикажуваат на гледачите во реално време.
– Судиите треба да бидат флексибилни. Ако голманот ја има топката 8,1 секунди, тоа не е нужно корнер. Но имавме многу случаи на голмани што ја држеа топката 25 секунди. Нема ништо забавно во тоа – рече Колина. Н.М.