Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Со новите фудбалски правила се очекува да се забрза играта, да се намали задржувањето време, појаснети се и некои детали во врска со изведувањето пенали, ќе има и пробна употреба на камери за судиите, таблети за замени, напредна технологија за одредување офсајд со помош на вештачка интелигенција…

Фудбалот во новата сезона ќе влезе со неколку нови правила донесени од Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ), со важност од 1 јули, но ќе бидат во функција и на првото големо меѓународно натпреварување, клупското Светско првенство (СП) во САД, од недела. Со новите правила се очекува да се забрза играта, да се намали задржувањето време, појаснети се и некои детали во врска со изведувањето пенали, ќе има пробна употреба на камери за судиите…

На клупското СП 2025 ќе бидат претставени и низа иновации, кои ќе го направат турнирот уште позабавен и попривлечен за гледачите, а ќе ги рационализира и операциите и ќе ја зајакне транспарентноста, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).

ОСУМ СЕКУНДИ, ИЗВЕДУВАЊЕ ПЕНАЛИ…

Така, ако голман ја држи топката повеќе од осум секунди во своите раце, ќе биде досуден корнер за противникот. Според досегашните правила, чуварите на мрежата требаше да бидат казнети ако ја држат топката повеќе од шест секунди, а противникот ќе добиеше индиректен слободен удар. Новото правило беше пробано во над 400 меча во три различни натпреварувања. Според новата одлука, судиите ќе ги предупредуваат голманите со одбројување од пет секунди пред да бидат казнети.

ИФАБ го појасни и правилото за изведување пенал, во врска со ситуацијата кога изведувачот случајно двапати ја удрил топката со двете нозе истовремено или кога топката ќе ја допре ногата на изведувачот на пеналот со која не шутира, веднаш откако ќе го изведе пеналот. Оваа ситуација е ретка и досега судиите досудуваа индиректен слободен удар за противникот или, во случај на пенал-серија, го запишуваа ударот како промашен, пишува ИФАБ. Меѓутоа, овој дел од правилото е првенствено наменет за ситуации кога изведувачот на пенал намерно ја допира топката вторпат пред да допре друг играч (на пример, кога таа се одбива од стативата или од гредата, без да го допре голманот), пишува ИФАБ. Светското тело што ги одредува правилата на игра во фудбалот (четири члена од Светската фудбалска федерација и по еден член од фудбалските федерации на Англија, Шкотска, Велс и на Северна Ирска) ги разјасни процедурите. Ако изведувачот на пенал постигнал гол при што при изведувањето на ударот случајно ја допрел топката со двете нозе, тој пенал ќе биде одново изведен, а ако не бил постигнат гол, играта ќе продолжи со индиректен слободен удар за противникот или, во случај на пенал-серија, ударот се запишува како промашен, објави ИФАБ.

КАМЕРИ

На СП 2025 ќе се применуваат и некои други правила, па, на пример, по поддршката на ИФАБ за ФИФА да тестира камери на тело што ги носат официјалните лица на натпреварите, судиите ќе бидат опремени со такви камери на пробна основа, а снимките во живо од овие камери ќе им бидат достапни и на гледачите низ светот, пишува ФИФА. Една од главните цели на овој тест е да се истражи дали новиот агол на камерата може да го подобри искуството за оние што гледаат пренос преку прикажување на перспективата на судијата. ФИФА ќе ги искористи наодите од турнирот и за да создаде упатства за употреба на такви камери во фудбалот.
– Овие иновации ја покажуваат посветеноста на ФИФА за користење технологија и подобрување на целокупното фудбалско искуство, со посебен акцент на подобрување на транспарентноста и разбирањето на судиските одлуки – рече Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА.

ПОЛУАВТОМАТСКИ ОФСАЈД И ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

По успешните проби на Интерконтиненталниот куп во 2024 година и голем број младински турнири на ФИФА, на клупското СП 2025 ќе биде воведена напредна верзија на полуавтоматска технологија за одредување офсајд, за да се направи донесувањето одлуки за офсајд што е можно побрзо, пишува ФИФА. Користејќи повеќе камери, сензор во внатрешноста на топката и вештачка интелигенција, системот ги следи позициите на играчите и топката, обезбедувајќи автоматизирани предупредувања во реално време за официјалните лица во случај на јасни офсајди. Сепак, за ситуации кога не е јасно, системот видеопомошнк-судија (ВАР), сепак, ќе ги провери информациите дадени од системот пред да се донесе одлуката, пишува ФИФА.

ТАБЛЕТ ЗА ЗАМЕНИ

Друга нова карактеристика ќе биде воведувањето таблет за замена на фудбалери, кој ќе ги замени традиционалната документација и рачната комуникација за да го насочи и организира процесот на замена на играчи. Секој тим ќе добие таблет пред почетокот за дигитално управување со барањата, осигурувајќи дека сите на кои им требаат овие информации се усогласени и обезбедувајќи јасен преглед на преостанатите замени.
– ФИФА има горда историја на иновации на своите елитни турнири, а клупското СП ќе го продолжи тој тренд. Со оглед на тоа што најдобрите клубови се натпреваруваат за титулата светски шампион, соодветно е овие врвни иновации да бидат достапни на таков престижен турнир. ФИФА секогаш сака да го подобрува фудбалот, а овие подобрувања ќе овозможат подобро искуство за гледачите, полесно работење и оптимизирани поставки за судиските одлуки – рече генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром. Н.М.