Меѓу првите четири тима во домашните првенства сега се, на пример, Нотингем форест, Наполи, Лацио, Ајнтрахт, Мајнц, Атлетик Б., Марсеј, Ница…, а на мала бодовна разлика се Челси, Њукасл, Борнмут, Брајтон, Фулам, Брентфорд, Фиорентина, Рома, Удинезе, Фрајбург, Волфсбург, Борусија М., Вилјареал, Бетис, Рајо Валјекано, Мајорка, Сосиедад, Лион, Стразбур, Тулуз, Ленс… Секако, во тие лиги во трка за влез во ЛШ се и клубови што сезонава настапуваат во ЛШ
ФУДБАЛ – СПОРЕД МОМЕНТАЛНИТЕ ПЛАСМАНИ ВО НАЈСИЛНИТЕ ПЕТ ПРВЕНСТВА
Според пласманите на табелите во петте најсилни домашни фудбалски првенства во Европа (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија) на 10-12 кола пред крајот на сезоната, можни се голем број измени во тимовите што би играле во Лигата на шампионите (ЛШ) од тие земји во однос на екипите што настапуваат сезонава.
Така, во Англија, на пример, на место на табелата што носи пласман во ЛШ е некогашниот европски првак Нотингем форест, а бодовно блиску до четвртото место (или до петтото, кое исто така може да обезбеди играње во најсилното клупско натпреварување, според правилата на Европската фудбалска унија) се Челси, Њукасл, Борнмут, Брајтон, Фулам, Брентфорд…, екипи што сезонава не беа дел од Лигата на шампионите. Во шампионатот на Италија, меѓу првите четири тима на табелата се Наполи и Лацио, а во близина се Фиорентина, Рома, Удинезе…, во Германија меѓу првите четири екипи се Ајнтрахт и Мајнц, а бодовно блиску се Фрајбург, Волфсбург, Борусија Менхенгладбах, во првенството на Шпанија високопласиран е Атлетик Билбао, во близина на четвртото или на петтото место се Вилјареал, Бетис, Рајо Валјекано, Мајорка, Сосиедад…, а во првенството на Франција, меѓу првите три клуба на табелата се Марсеј и Ница, а на мала бодовна разлика се Лион, Стразбур, Тулуз, Ленс…
Секако, во тие домашни фудбалски првенства во трка за влез во Лигата на шампионите за идната сезона се и клубовите што сезонава настапуваат во ЛШ, како Ливерпул, Арсенал, Манчестер сити и Астон вила од Англија, Интер, Милан, Аталанта, Јувентус и Болоња од Италија, Баерн, Баер, Лајпциг, Штутгарт и Борусија Дортмунд од Германија, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Барселона и Џирона од Шпанија, како и Пари сен Жермен, Монако, Лил и Брест од Франција. Според правилата на Европската фудбалска унија (УЕФА), од Англија, Шпанија, Германија и од Италија првопласираните четири тима обезбедуваат место во ЛШ, од Франција три, а четвртиот тим на табелата игра во квалификациите. По едно дополнително место во ЛШ е предвидено за двете земји со најдобар вкупен ефект на клубовите во сите три европски купа сезонава, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига. Во моментов на водечките две места на таа табела на УЕФА се Англија и Шпанија, а лани по едно дополнително место во ЛШ добија Италија и Германија.
Од екипите што сега се на места на табелите што носат пласман во ЛШ дебитант би бил Мајнц, а повратници по подолго време би биле Нотингем форест, Атлетик Билбао, Ница… Од другите екипи, деби би можеле да имаат, на пример, Борнмут, Брајтон, Фулам, Брентфорд, Фрајбург, Рајо Валјекано, Стразбур… Н.М.