Фото: ЕПА

Според правилата, клубовите можеа да додадат тројца нови фудбалери во однос на составите од првиот дел од сезоната, па, така, во нокаут-рундата за нови клубови ќе играат, на пример, Вокер, Феликс, Мармуш, Коло Муани, Рашфорд, Асенсио, Чуквуемека, Кварацкелија…, за Челси ќе може да дебитира Палмер итн.

ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА ПОЧНУВА ПЛЕЈОФОТ ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Европската фудбалска унија (УЕФА), по завршувањето на зимскиот преоден рок, ги објави обновените состави на учесниците во нокаут-фазата на Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и на Конференциската лига (КЛ), во кои неделава на програмата се првите дуели од плејофот за пласман во осминафиналињата. Според правилата на Европската фудбалска унија, клубовите можеа да додадат најмногу тројца нови фудбалери во однос на составите што ги имаа во првиот дел од сезоната.
Новите фудбалери можат да играат веќе неделава, во првите натпревари од плејофот. Така, меѓу играчите во некои клубови (пристигнати во зимскиот преоден рок) настап во Лигата на шампионите може да имаат, на пример, Кајл Вокер, Сантијаго Хименез и Жоао Феликс во Милан, Абдукодир Хусанов, Нико Гонзалес и Омар Мармуш во Манчестер сити, Рандал Коло Муани во Јувентус, Маркус Рашфорд, Марко Асенсио и Аксел Дисаси во Астон вила, Карни Чуквуемека во Борусија Дортмунд, Квича Кварацкелија во Пари сен Жермен, Никола Залевски во Интер… Манчестер сити го пријави и во моментов повредениот Родри. Во Конференциската лига, пак, Челси, на пример, во составот го додаде најдобриот стрелец, Кол Палмер, кој за првиот дел од европската сезона не беше пријавен во Европската фудбалска унија, па, така, тој сега ќе може да дебитира за клубот од Лондон и на меѓународната сцена. Некои клубови, пак, во обновените состави за вториот дел на европската сезона додадоа фудбалери од младинските тимови.

Во плејофот на Лигата на шампионите дербито е утре, помеѓу Манчестер сити и Реал Мадрид, средба на европските прваци од претходните две сезони. Ждрепката одреди и меѓусебен дуел на две француски екипи, Брест и Пари сен Жермен (ова ќе биде само втор меч на француски тимови во ЛШ, првиот беше помеѓу Лион и Бордо во четврт-финалето во 2010 година, пишува Европската фудбалска унија), како и натпревари на тимови што веќе играа меѓу себе во лигашкиот дел, Јувентус – ПСВ Ајндховен (се сретнаа во првото коло, 3-1) и Монако – Бенфика (во петтото коло, 2-3). Уште играат и Спортинг – Борусија Дортмунд, Клуб Бриж – Аталанта, Феенорд – Милан и Селтик – Баерн. Реваншите се идната недела.
Десет од 16-те тима во плејофот досега ја освојуваа европската титула (Реал Мадрид, Манчестер сити, Јувентус, ПСВ Ајндховен, Бенфика, Борусија Дортмунд, Феенорд, Милан, Селтик и Баерн). Во осминафиналето директно се пласираа Ливерпул, Барселона, Арсенал, Интер, Атлетико Мадрид, Баер, Лил и Астон вила. Н.М.


ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН ВО ОСМИНАФИНАЛЕ

ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Брест – Пари сен Жермен утре, 18.45 ч.
Манчестер сити – Реал Мадрид утре, 21 ч.
Јувентус – ПСВ Ајндховен утре, 21 ч.
Спортинг – Борусија Д. утре, 21 ч.
Клуб Бриж – Аталанта среда, 18.45 ч.
Феенорд – Милан среда, 21 ч.
Селтик – Баерн среда, 21 ч.
Монако – Бенфика среда, 21 ч.

ЛИГА ЕВРОПА
Ференцварош – Викторија чет. 18.45 ч.
Унион СЖ – Ајакс четврток, 18.45 ч.
Митјиланд – Сосиедад четврток, 18.45 ч.
Фенербахче – Андерлехт чет. 18.45 ч.
Твенте – Бодо Глимт четврток, 21 ч.
АЗ – Галатасарај четврток, 21 ч.
ПАОК – ФЦСБ четврток, 21 ч.
Порто – Рома четврток, 21 ч.

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
ТСЦ – Јагелонија четврток, 18.45 ч.
Целје – АПОЕЛ четврток, 18.45 ч.
Викингур – Панатинаикос чет. 18.45 ч.
Молде – Шамрок четврток, 18.45 ч.
Гент – Бетис четврток, 21 ч.
Борац – Олимпија четврток, 21 ч.
Омонија – Пафос четврток, 21 ч.
Копенхаген – Хајденхајм четврток, 21 ч.

во сите три купа реваншите се идната недела