Од 2013 година, 816 фудбалери што играле во Младинската лига настапиле и во едно од сениорските клупски натпреварувања на УЕФА, а лани се забележа уште еден важен момент, кога играчите на Челси, Кристенсен и Маунт, станаа првите што ги освоиле и Лигата на шампионите и нејзиниот еквивалент во младинска конкуренција
ФУДБАЛ
Повеќе од 800 фудбалери што играа во Младинската лига на Европската фудбалска унија (УЕФА) настапија и во сениорска конкуренција во некој од европските купови, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Тоа ја покажува вредноста на Младинската лига, која беше воведена во 2013 година за понатамошен развој на европскиот младински фудбал на клупско ниво, намалувајќи го јазот помеѓу младинските и сениорските тимови на клубовите, истовремено нудејќи меѓународно искуство и натпреварувачка акција за врвните млади фудбалери, пишува УЕФА.
Младинската лига ги покажа новите таленти на некои од најпрепознатливите европски имиња, обезбедувајќи совршена платформа пред да настапат во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и од сезонава, во Лигата на конференциите.
Вкупно 816 играчи учествуваа и во Младинската лига и во едно од сениорските клупски натпреварувања на УЕФА, а лани се забележа уште еден важен момент во историјата на Младинската лига, кога играчите на Челси, Андреас Кристенсен и Мејсон Маунт, станаа првите фудбалери што ги освоиле и Лигата на шампионите и нејзиниот еквивалент во младинска конкуренција. Нивниот тимски колега Рис Џејмс, пак, беше вицешампион во Младинската лига во 2018 година.