КОШАРКА
Неодамна се одржа работен состанок помеѓу раководните претставници на ФИБА-Европа и претставници на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), на кој од страна на МКФ учествуваа потпретседателот Младен Ѓуроски и генералниот секретар Томче Стојчевски. На состанокот во Минхен (Германија) беше истакната висока оценка за досегашната соработка помеѓу ФИБА-Европа и КФМ, која беше оценета како успешна и континуирана. Притоа беа анализирани позитивните практики и квалитетните облици на соработка реализирани во изминатиот период.
– Посебен акцент беше ставен на потребата од понатамошно унапредување на односите и вложување заеднички напори за усогласување на актите и регулативите на ФИБА со актите и внатрешните прописи на КФМ, со цел подобрување на функционалноста, транспарентноста и усогласеноста во работењето. Двете страни ја потврдија подготвеноста за продолжување и продлабочување на соработката и во наредниот период, во интерес на развојот на кошарката и унапредувањето на организациските и спортските стандарди. КФМ ќе продолжи активно да соработува со ФИБА-Европа и да работи на имплементација на договорените насоки и препораки, информираат од КФМ. Г.И.
































