Фото: ЕПА

Во секое од претходните четири финалиња одиграни во Минхен, победникот за првпат во историјата стана европски шампион

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Јубилејното 70-то финале за клупскиот шампион на Европа ќе се игра во Минхен на 31 мај (21 ч.), а Интер и ПСЖ ќе се борат за сребрениот пехар.
Најелитното европско клупско натпреварување порано се викаше Куп на шампионите (првпат играно 1955 година), а од сезоната 1992-1993 се нарекува Лига на шампионите (ЛШ). Натпреварот ќе се игра во Минхен на „Алијанц арена“, стадионот на Баерн Минхен. Оваа сезона финалето на ЛШ влегува во историјата на ова натпреварувањето како прва сезона одиграна во новиот формат, познат како швајцарски систем. Наместо претходната групна фаза, прво се играше лигашкиот дел од осум кола со вкупен пласман, а потоа нокаут-фазата продолжи до финалето.
ПСЖ стигна до своето второ финале во Купот на шампионите/Лигата на шампионите и прво од 2020 година, кога загуби од Баерн Минхен. Ова е петто европско финале за ПСЖ, бидејќи претходно играше во две последователни финалиња на Купот на победниците на куповите (КПК), победи во 1996 година против Рапид Виена (1-0) и загуби во 1997 година од Барселона (0-1). Тие играа и во финалето на европскиот Суперкуп во 1996 година и загубија од Јувентус со вкупни 2-9.
Ова ќе биде дванаесетто европско финале за Интер и седмо во Купот на шампионите/Лигата на шампионите. Трипати црно-сините беа прваци на Европа, во 1964 година го победија Реал Мадрид (3-1), во 1965 година Бенфика (1-0) и во 2010 година Баерн Минхен (2-0). Но, загубија и исто толку финалиња, во 1967 година против шкотски Селтик (1-2), во 1972 година против холандски Ајакс (0-2) и последен пат во 2023 година од англиски Манчестер сити (0-1). Интер е последниот италијански клуб што ја освои ЛШ. Оттогаш до денес, само Јувентус успеа да стигне до финалето, но загуби во 2015 година од Барселона (1-3) и во 2017 година од Реал Мадрид (1-4).
„Алијанц арена“ во Минхен (капацитет 64.500 гледачи) ќе биде домаќин на финалето на ЛШ по вторпат. Првото се одржа во 2012 година, кога Челси го победи Баерн по подоброто изведување пенали (1-1, 4-3). Во секое од претходните четири финалиња одиграни во Минхен, победникот за првпат во историјата стана европски шампион: Нотингем Форест (1979), Олимпик Марсеј (1993), Борусија Дортмунд (1997) и Челси (2012). ПСЖ сега ќе ја има таа можност. Ова ќе биде и деветто финале во Германија, откако двапати беше одржано во Штутгарт (1959 и 1988) и по еднаш во Гелзенкирхен (2004) и во Берлин (2015). На овој начин беше израмнет рекордот од девет финалиња одржани во Италија и во Англија.
Од сезонава, УЕФА покрај тоа што го промени форматот на натпреварувањето, го зголеми и наградниот фонд на 2,5 милијарди евра. Учесниците во првата фаза од ЛШ заработија по 19 милиони евра само за пласман во лигашкиот дел од натпреварувањето. Секоја победа им носеше 2,1 милиони евра, а освоен бод 700.000 евра. Г.И.