Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026

  • Селекторот Милевски го објави списокот со фудбалери за пријателската средба со Летонија на 13 ноември дома и за мечот со Велс, пет дена подоцна, на гости, во квалификациите за СП 2026. Македонија е второпласирана во групата Ј, со еден бод помалку од Белгија и три повеќе од Велс и има шанси и за директен пласман и за освојување на второто место, кое носи настап во плејофот

Селекторот Благоја Милевски објави список со 28 фудбалери за претстојните натпревари на репрезентацијата на Македонија, пријателската средба со Летонија на 13 ноември дома и за мечот со Велс на 18 ноември, во Кардиф, во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година. Македонската репрезентација е второпласирана во квалификациската група Ј за пласман на СП 2026 во САД, Мексико и во Канада, со еден бод помалку од Белгија и три повеќе од Велс, но со еден меч повеќе од двете селекции.
На Мундијалот в година ќе се пласира победникот на групата, а второпласираниот ќе настапи во плејофот за пласман на СП 2026. Македонија има шанси и за директен пласман и за освојување на второто место. Ако две или повеќе репрезентации имаат ист број бодови, прво што решава за пласманот на табелата е вкупната гол-разлика во групата. Македонија и Велс можат да се пласираат во плејофот и преку Лигата на нациите, како едни од 14-те победници на групите во сезоната 2024/2025.
– Списокот е речиси идентичен со претходниот, со дополнување на Димоски, Трапановски и Ќамили, кои не беа со нас во октомври. Се надевам дека сите ќе останат здрави и подготвени за повикот в понеделник. Ни претстојат контролен меч со Летонија и квалификацискиот натпревар со Велс, добра можност за мини-подготовки пред важниот предизвик. Немав забелешки по дуелот со Казахстан, сите одиграа на високо ниво. Промените во текот на мечот беа тактички, во функција на тимот. Натпреварот со Летонија ќе го искористиме за да им дадеме шанса на играчи со помала минутажа и да пробаме одредени идеи, секако, важен е и за рангирањето кај ФИФА и за идната ждрепка.

Без разлика на тоа што мал дел фудбалери имаат континуирана минутажа во клубовите, секогаш даваат максимум во дресот на Македонија. За мене тие се феномени. Да играш на вакво ниво без ритам е за почит. Секој си го заслужил местото во репрезентацијата. Жал ми е што ќе недостига Алиоски, тој е важен за нас, но ова е шанса за другите да се наметнат. Против Велс одиме со ист пристап, без калкулации, со желба за победа и докажување дека Македонија со право е меѓу најконкурентните во баражот за Мундијалот – изјави селекторот Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Собирот на репрезентацијата е закажан за в понеделник.
Состав: голмани: Столе Димитриевски, Дејан Илиев, Дамјан Шишковски, Игор Алексовски; одбрана: Висар Муслиу, Никола Серафимов, Ѓоко Зајков, Бојан Димоски, Андреј Стојчевски, Дарко Велковски, Стефан Деспотовски, Бојан Илиевски, Стефан Ашковски; среден ред: Енис Барди, Јани Атанасов, Елиф Елмас, Исник Алими, Лука Станковски, Тихомир Костадинов, Решат Рамадани, Давид Бабунски; напад: Бојан Миовски, Милан Ристовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Елмин Растодер, Кристијан Трапановски, Лирим Ќамили. Н.М.


ГРУПА Ј

Казахстан – Белгија 15.11
Лихтенштајн – Велс 15.11
Велс – Македонија 18.11
Белгија – Лихтенштајн 18.11
ТАБЕЛА
Белгија 6 4 2 0 21-6 14
Македонија 7 3 4 0 12-3 13
Велс 6 3 1 2 13-10 10
Казахстан 7 2 1 4 8-12 7
Лихтенштајн 6 0 0 6 0-23 0