ФУДБАЛ
- Акцентот секогаш го ставаме на тимот и така ќе биде и на овие натпревари, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација пред денешниот тест-меч со Летонија, во Скопје, а во пресрет на дуелот со Велс на гости, во вторник, во квалификациите за СП 2026
Нема потреба да калкулираме или да се штедиме, затоа што имаме доволно време за одмор пред натпреварот против Велс во Кардиф. Ќе се обидеме да испробаме некои поинакви опции, како и на тактички план, а и да видиме физички во каква состојба се сите фудбалери. Летонија е квалитетна селекција, а победа секогаш е во нашите мисли. Секој натпревар е важен. На овој меч сакам да ја видам и пошироката слика на Македонија, мораме да размислуваме и за иднината. Акцентот секогаш го ставаме на тимот и така ќе биде и на овие натпревари, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски, пред тест-мечот денеска (18 часот) со Летонија, на арената „Тодор Проески“ во Скопје, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која одлучи влезот за гледачите за овој меч да биде бесплатен.
Средбата со Летонија е подготвителна за Македонија пред квалификацискиот натпревар со Велс во Кардиф, во вторник, за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада. Македонската фудбалска репрезентација е во игра за првото место во групата Ј, кое носи директен пласман на СП 2026, и за освојување на второто место, кое, пак, носи настап во европскиот плејофот за пласман на фудбалскиот Мундијал в година. Н.М.

































