Следниот предизвик ни е гостувањето во Белгија. Без разлика дали се подготвуваме за Лихтенштајн или за Белгија, подготовката е иста, вели селекторот Милевски
Честитки до противникот и до нашите фудбалери за сериозноста, професионалноста и посветеноста на овој меч. Не случајно доминиравме на теренот. Имаме максимален респект за секој противник, но од почеток до крај Македонија беше подобра во сите аспекти, а Лихтенштајн имаше многу малку простор за игра, изјави македонскиот селектор Благоја Милевски по третата победа, овој пат над Лихтеншатајн во Скопје, во рамките на петтото коло во квалификациите за Светското првенство (СП) 2026 година.
Победата на македонските фудбалери над Лихтенштајн беше изразена со убедливи 5-0 на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје, со што црвено-жолтите се искачија на првото место во групата Ј. Избраниците на македонскиот селектор Милевски уште од самиот почеток наметнаа доминација на теренот и триумфот во ниту еден момент не доаѓаше во прашање.
– Следниот предизвик ни е гостувањето во Белгија. Без разлика дали се подготвуваме за Лихтенштајн или за Белгија, подготовката е иста. Главната цел ја остваривме – останавме први во групата по овој квалификациски прозорец и продолжуваме со амбициите за пласман на Светското првенство – дециден е селекторот на македонскиот национален тим.
Македонија по победата над Лихтенштајн со 5-0 се врати на првото место на табелата во групата Ј и има 11 бода, по петтото коло од овие квалификации за СП. Доминација во секој поглед, одличен настап и додавање важни три бода на бодовното салдо. Против Лихтенштајн уште од почетокот Македонија најави дека единствена опција на овој меч е да забележи убедлива победа. Така и одигра. Головите за Македонија ги постигнаа Елиф Елмас во 15-та минута, капитенот Енис Барди во 52-та, Дарко Чурлинов во 56-та, Лирим Ќамили во 82-та и Лука Станковски во 90-та минута.
Првиот фаворит Белгија, со шесте освоени бода за три дена, се најде веднаш зад Македонија со бод помалку, колку што има и Велс. Против Лихтенштајн на гости и дома против Казахстан тие славеа со по убедливи 6-0, но имаат и меч помалку од црвено-жолтите и Велс. Следниот дуел Македонија ќе го игра на 10 октмври токму на гости против Белгија. Г.И.
Група Ј, резултати
Лихтенштајн – Белгија 0-6
Македонија – Лихтенштајн 5-0
Белгија – Казахстан 6-0
ТАБЕЛА
Македонија 5 3 2 0 11
Белгија 4 3 1 0 10
Велс 5 3 1 1 10
Казахстан 5 1 0 4 3
Лихтенштајн 5 0 0 5 0
Двојки, следно коло: Белгија – Македонија (10.10), Казахстан – Лихтенштајн (10.10) и Велс – Белгија (13.10).