Вкупно 16-от квалификациски циклус за големо меѓународно натпреварување, а осми за светските шампионати, Македонија го почнува на 22 март, со мечот на гости со Лихтенштајн, а три дена подоцна е и дуелот со Велс во Скопје
Репрезентацијата на Македонија со дуелот на гости со селекцијата на Лихтенштајн идната сабота (15 часот) ќе го почне осмиот циклус квалификации за пласман на фудбалско светско првенство (СП), овој пат за Мундијалот в година, кој ќе се игра во САД, Мексико и во Канада, првпат со учество на 48 репрезентации од целиот свет. Од Европа на СП 2026 преку квалификациите ќе се пласираат 16 селекции, три повеќе отколку на неколку претходни планетарни шампионати.
Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот со фудбалери за двата натпревара во март, прво со Лихтенштајн, а потоа на 25 март во Скопје и со Велс (почеток во 20.45 часот), во групата Ј, во која се и репрезентациите на Белгија и на Казахстан. На списокот, објавен од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), се Столе Димитриевски, Дејан Илиев, Дамјан Шишковски, Игор Алексовски (голмани), Никола Серафимов, Јован Манев, Езѓан Алиоски, Бојан Димовски, Стефан Ашковски, Андреј Стојчевски, Висар Муслиу, Бојан Илиевски, Ѓоко Зајков (одбрана), Енис Барди, Јани Атанасов, Елиф Елмас, Исник Алими, Давид Бабунски, Тихомир Костадинов, Агон Елези (среден ред), Бојан Миовски, Милан Ристовски, Дарко Чурлинов, Лирим Ќамили, Александар Трајковски, Кристијан Трапановски, Лука Станковски (напад).
Првопласираните во 12-те квалификациски групи ќе обезбедат настап на Светското првенство в година во САД, Мексико и во Канада. Уште четири учесници од Европа на тој Мундијал ќе се одредат со плејофот, во кој ќе настапат 12-те второпласирани репрезентации во квалификациските групи и уште четири најдобри победници на групите од четвртата сезона на Лигата на нациите, чија групна фаза беше комплетирана во 2024 година, а кои не освоиле едно од првите две места во своите групи во квалификациите за СП 2026. Една од 14-те репрезентации победнички на групите во Лигата на нациите е и македонската селекција.
Првиот собир на македонската фудбалска репрезентацијата за почетокот на вкупно 16-от квалификациски циклус за големо меѓународно натпреварување (досега осум за европските првенства и седум за мундијалите) е закажан за в понеделник, во Скопје.
Покрај почетокот на квалификациите за СП 2026, во Европа идната недела на програмата се и четвртфиналните дуели во лигата А на Лигата на нациите, од чии исходи зависи која од тие репрезентации во која група ќе игра во квалификациите. Двојките се Италија – Германија, Данска – Португалија, Хрватска – Франција и Холандија – Шпанија. Првите мечеви се на 20, а реваншите се на 23 март. Н.М.
СОСТАВ НА ГРУПИТЕ ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2026
Група А: победник на мечот Италија – Германија, Словачка, Северна Ирска, Луксембург
Група Б: Швајцарија, Шведска, Словенија, Косово
Група Ц: поразен од мечот Данска – Португалија, Грција, Шкотска, Белорусија
Група Д: победник на мечот Хрватска – Франција, Украина, Исланд, Азербејџан
Група Е: победник на мечот Холандија – Шпанија, Турција, Грузија, Бугарија
Група Ф: победник на мечот Данска – Португалија, Унгарија, Република Ирска, Ерменија
Група Г: поразен од мечот Холандија – Шпанија, Полска, Финска, Литванија, Малта
Група Х: Австрија, Романија, БиХ, Кипар, Сан Марино
Група И: поразен од мечот Италија – Германија, Норвешка, Израел, Естонија, Молдавија
Група Ј: Белгија, Велс, Македонија, Казахстан, Лихтенштајн
Група К: Англија, Србија, Албанија, Летонија, Андора
Група Л: поразен од мечот Хрватска – Франција, Чешка, Црна Гора, Фарски Острови, Гибралтар натпреварите Италија – Германија, Данска – Португалија, Хрватска – Франција и Холандија – Шпанија на програмата се на 20 и 23 март, а се од четврт-финалето на Лигата на нациите
МЕЧЕВИ НА МАКЕДОНИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2026
Лихтенштајн – Македонија 22.3
Македонија – Велс 25.3
Македонија – Белгија 6.6
Казахстан – Македонија 9.6
Македонија – Лихтенштајн 7.9
Белгија – Македонија 10.10
Македонија – Казахстан 13.10
Велс – Македонија 18.11