Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во првите две кола на лигата Ц, Македонија ќе игра со Фарски Острови на 7 септември на гости и со Ерменија три дена подоцна во Скопје. Во групата 4 е и репрезентацијата на Летонија. Победникот на групата ќе се пласира во лигата Б, а второпласираниот ќе игра во плејофот за настап еден ранг погоре

ФУДБАЛ

На списокот со повикани фудбалери нема поголеми измени од оние што ги завршија квалификациите за Европското првенство. Фудбалерите на кои сметаме покажаа дека имаат потенцијал да бидат тука и понатаму. Жал ми е што Дарко Велковски е без клуб и нема да биде во комбинација за настап на двата меча. Дени Илиев исто така нема да биде во составот поради повреда. Дебитант е Кристијан Трапановски, кој со настапите за Данди јунајтед заслужи да биде дел од тимот. Неколку фудбалери од младата селекција се потенцијални за повик во А-тимот. По крајот на нивните квалификации за Европското првенство, неколкумина од нив би требало да се приклучат во нашата репрезентација, изјави селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски, кој го објави списокот со 26 фудбалери за натпреварите во септември во новото издание на Лигата на нации, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Првите натпревари на репрезентацијата на Македонија во новата сезона на Лигата на нации, во лигата Ц, се со селекциите на Фарски Острови, на 7 септември на гости, и на Ерменија, три дена подоцна во Скопје. Во групата 4 е и репрезентацијата на Летонија. Победникот на групата ќе се пласира во лигата Б, а второпласираниот ќе настапи во плејофот за пласман еден ранг погоре во Лигата на нации.
– Фарски Острови се незгоден противник, агресивен и дисциплиниран противник. Се игра на вештачка трева и ќе мора да се навикнеме и на тој момент. Мора да бидеме на максимумот на можностите, сите ставени во функција на тимот, но со респект кон секој противник во групата. Фарски Острови не се наивни, условите ќе бидат тешки и мора да се потрудиме максимално. Оваа Лига на нации дава можност за пласман на светско првенство, но патот дотаму е навистина тежок.

Нѐ очекуваат противници што се незгодни, физички одлично подготвени, играат дисциплинирано и со доста динамика. Мирен сум пред септемврискиот циклус, речиси сите ги поминаа подготовките и се максимално подготвени, за разлика од јунскиот прозорец, кој секогаш ни бил проблематичен. Не ме загрижуваат лошите резултати на последните пријателски натпревари. Свесно ги одбравме ривалите за контролните мечеви. Како селектор не бркам рејтинг преку Сан Марино и Андора, битно ми е играчите да напредуваат преку квалитетни тестови со силни ривали. Иако ги загубивме двата натпревара, со Чешка и со Хрватска, имаше позитивни, како и негативни работи. Не сум задоволен од натпреварите во јуни, за разлика од тие во март, за кои немав што да забележам, освен за реализацијата – рече Милевски, пренесе ФФМ.
На списокот на селекторот Милевски, објавен од ФФМ, за двата меча во септември, се Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Игор Алексовски (голмани), Висар Муслиу, Никола Серафимов, Јован Манев, Езѓан Алиоски, Бојан Димовски, Ахмед Иљазовски, Стефан Ашковски, Ѓоко Зајков, Дарко Велковски (одбрана), Енис Барди, Јани Атанасов, Агон Елези, Тихомир Костадинов, Елиф Елмас, Исник Алими, Давид Бабунски (среден ред), Бојан Миовски, Милан Ристовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Лирим Ќамили, Димитар Митровски и Кристијан Трапановски (напад). Собирот на македонската репрезентација е закажан за 2 септември во Скопје. Н.М.