КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
- Македонија води на табелата во групата Ј во квалификациите за пласман на СП 2026, на кое ќе играат победниците на 12-те групи, како и четири победници на плејофот во кој ќе настапат 12-те второпласирани од квалификациите и четири победници на групите во Лигата на нациите. Следуваат мечевите со Белгија на 10 октомври во Гент и три дена подоцна со Казахстан во Скопје
Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски објави список со 26 фудбалери за мечевите со Белгија на 10 октомври во Гент и три дена подоцна со Казахстан во Скопје, во квалификациите за Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада. Македонија води во групата Ј со 11 бода (од пет средби), пред Белгија со 10 (четири), Велс со 10 (пет), Казахстан со три (пет) и Лихтенштајн без бодови (пет).
– Имаме двајца повратници, Стефан Ашковски и Давид Бабунски, а за жал поради повреда ќе отсуствува Лирим Ќамили. Што се однесува до предизвикот, за нас сите натпревари се главни. Досега одигравме пет големи битки, а така ќе биде и на преостанатите три. Белгија останува главен фаворит во нашата група, но покажавме дека можеме да играме против сите. Никој не може да ни ја одземе надежта за пласман на Светското првенство. Ќе се подготвуваме максимално сериозно и ќе сториме сѐ за да постигнеме успех. Нашата цел е да докажеме дека Македонија може да биде конкурентна и против реално поквалитетни селекции. Имаме во нашиот македонски ген еден посебен икс-фактор, кој не знаеме кога ќе проработи – рече меѓу другото Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
На СП 2026 ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи, како и четири победници на плејофот во кој ќе настапат 12-те второпласирани во групите во квалификациите и четири победници на групите во Лигата на нациите од сезоната 2024/2025 што нема да ги освојат првите две места во редовните квалификации. Македонија е меѓу победниците на групите во Лигата на нациите, откако триумфира во својата група во лигата Ц, а другите победници на групи се Шпанија, Германија, Португалија, Франција (лига А), Англија, Норвешка, Велс, Чешка (лига Б), Романија, Шведска, Северна Ирска (лига Ц), Молдавија и Сан Марино (лига Д).
Составот на Македонија: голмани: Столе Димитриевски (Валенсија, Шпанија), Дејан Илиев (УТА Арад, Романија), Дамјан Шишковски (Борац Бања Лука, БиХ), Игор Алексовски (Фљамуртари, Албанија); одбрана: Висар Муслиу (Сент Тројден, Белгија), Никола Серафимов (Левски Софија, Бугарија), Езѓан Алиоски (Лугано, Швајцарија), Ѓоко Зајков (Ајман, ОАЕ), Андреј Стојчевски (Словачко, Чешка), Дарко Велковски (Зрињски, БиХ), Стефан Деспотовски (ОФК Београд, Србија), Бојан Илиевски (Струга Трим Лум), Стефан Ашковски (Раднички Ниш, Србија); среден ред: Енис Барди (Коњаспор, Турција), Јани Атанасов (Лариса, Грција), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Исник Алими (Далиан Јингбо, Кина), Лука Станковски (Раднички Крагуевац, Србија), Тихомир Костадинов (Сигма Оломуц, Чешка), Решат Рамадани (Шкендија); напад: Бојан Миовски (Глазгов ренџерс, Шкотска), Милан Ристовски (Бохемианс 1905, Чешка), Дарко Чурлинов (Кочаелиспор, Турција), Александар Трајковски, Давид Бабунски (Вардар), Елмин Растодер (Тун, Швајцарија), објави ФФМ. Н.М.