Евертон го нема победено Ливерпул на „Гудисон парк“ речиси 12 години, на 10 меча, од почетокот на сезоната 2010/2011

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА НА „ГУДИСОН ПАРК“

На стадионот „Гудисон парк“ во 241-то градско Мерсисајд-дерби, денеска напладне (13.30 ч.), Евертон го пречекува лутиот ривал, Ливерпул. По првите пет кола, Евертон е 17-ти, со само три бода и без ниту една победа (гол-разлика 4-6), што е најлош почеток за „карамелите“ по сезоната 2010/2011.
Ливерпул по двете победи во низа е шести со 10 бода (гол-разлика 15-6), а менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп, сака таа победничката низа да продолжи и против Евертон. „На последните два меча освоивме шест бода, но мора да се подобриме. Евертон нема да се отвори за нас, знаеме дека ќе биде тешко, па мораме да бидеме подготвени“, изјави Клоп.
Ливерпул е поуспешен од Евертон во меѓусебните дуели со 97 победи, 76 ремија и 67 порази. Евертон го нема победено Ливерпул на „Гудисон парк“ речиси 12 години, на 10 меча, од почетокот на сезоната 2010/2011. Последната првенствена победа на Евертон беше во 2010 година (2-0). Евертон триумфира против Ливерпул во Премиер-лигата само на еден од последните 23 дуели, и тоа лани во февруари на „Енфилд“ (2-0). Мерсисајд-дербито меѓу „синиот и црвениот дел од градот“ се смета за „пријателско“ поради тоа што во исти семејства има навивачи на двата клуба! Но и покрај тоа постои голем ривалитет, како на трибините така и на теренот, за што сведочат 22 црвени картони во Премиер-лигата (Стивен Џерард двапати), повеќе од кој било друг меч во историјата на тоа натпреварување. Вкупно 28 играчи во историјата на Мерсисајд-дербито биле исклучени, 19 на Евертон и девет на Ливерпул. Најмногу голови во градското дерби има дадено Иан Раш, 25, од кои 13 на првенствените натпревари. Л.Д.