Поставен е рекордот на сите времиња со 78.742 меѓународни трансфери на фудбалери, а вложените 8,59 милијарди долари во машкиот
професионален фудбал се втора најголема сума досега. Фудбалот за жени продолжува да расте со 2.284 трансфери (плус 20,8 отсто) и вложени вкупно 15,6 милиони долари, над двојно повеќе од износот во 2023 година
ФУДБАЛ – ФИФА
Светската фудбалска федерација (ФИФА) го објави извештајот за глобалните трансфери за 2024 година, според кој, поставен е рекорд на сите времиња од вкупно 78.742 меѓународни трансфери на играчи во машкиот и во женскиот професионален и во аматерскиот фудбал. Откако трошењето на клубовите за трансфер-такси постави нов рекорд во 2023 година (9,66 милијарди долари), вкупниот расход беше помал во 2024 година (8,59 милијарди долари), но повеќе од 15 отсто над претходниот рекорд поставен во 2019 година (7,33 милијарди долари), пишува ФИФА.
Речиси 40 проценти од целокупното вложување во трансфери во машкиот професионален фудбал отпаѓа на првите 2,5 отсто од трансферите, кои вклучуваат такси од најмалку 20 милиони долари по трансфер, а клубовите од Англија беа и број еден вложувач и број еден примател на трансфер-такси во 2024 година, со 1,88 милијарда долари потрошени за дојдовни трансфери и 1,34 милијарда долари добиени за излезни трансфери, пишува ФИФА. Во однос на вкупниот број трансфери, бразилските клубови беа во водство со 1.102 влезни и 1.113 појдовни трансфери.
Бројот на клубови што вложуваа пари на дојдовни трансфери продолжи да расте, достигнувајќи рекордно високо ниво од 1.100 клуба во 2024 година. Слично на тоа, бројот на клубови што добија трансферна сума за најмалку еден трансфер за заминување, 1.378, исто така, постави нов рекорд.
Во 2024 година клубовите продолжија да инвестираат во женскиот професионален фудбал, а вкупните вложувања за трансфери достигнаа рекордно ниво од 15,6 милиони долари, повеќе од 2,5 пати повеќе од претходната година, пишува ФИФА. Вкупно 695 клуба беа вклучени во меѓународни трансфери (зголемување за 11,6 отсто), при што 109 од тие клубови вложија пари за најмалку еден дојдовен трансфер (плус 23,9 проценти) и 124 клуба добија такси за трансфери за излезни трансфери (плус 27,8 отсто). Околу 2.284 меѓународни трансфери на професионални фудбалерки беа забележани лани, што е зголемување од 20,8 проценти во споредба со 2023 година. Шеста година по ред бројот на меѓународни трансфери во женскиот професионален фудбал расте за повеќе од 20 отсто годишно, сега е над трипати поголем од бројот во 2018 година, кога првпат беа регистрирани.
Во 2024 година се забележани и вкупно 53.678 трансфери на аматерски фудбалери што му се приклучиле на нов клуб во странство, што е 4,3 отсто повеќе од претходната година. Од 211 земји членки на ФИФА само четири не беа вклучени во барем еден трансфер на аматер лани, што го истакнува универзалниот дострел на фудбалот. Како и претходната година, Германија имала најголем број дојдовни трансфери во 2024 година, вкупно 7.459. Н.М.