Бундеслигашот Баерн Минхен го победи ПСЖ во Париз со ист резултат, 1-0, како и во 2020 година во финалниот дуел во Лигата на шампионите (ЛШ) во Лисабон, додека Милан на свој терен исто така со 1-0 го доби првиот осминафинален дуел против лондонски Тотнем. Реванш-натпреварите во Минхен и во Лондон ќе се одиграат на осми март

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Екипата на ПСЖ доживеа пораз од Баерн Минхен во Париз, 0-1, и со гол негатива ќе патува на реваншот, а пак Тотнем со иста негатива ќе го пречека Милан во Лондон, во рамките на реванш-натпреварите од осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ). Бундеслигашот Баерн Минхен го освои Париз со ист резултат како и во 2020 година во финалниот дуел во ЛШ во Лисабон, Португалија, кога стигна до посакуваната победа над ПСЖ. Единствениот гол го постигна францускиот напаѓач Кингсли Коман, иако баварците го завршија натпреварот во финишот со играч помалку, откако францускиот интернационалец Бенјамин Павар заработи два жолти картони поради груба игра.
– Резултатот на крајот се памети, а тој вели дека по 90 минути игра имаме гол негатива. Но можеме да направиме пресврт во Минхен и во тоа мораме да веруваме. Сега е најважно да се вратиме на потребното ниво и да се соземеме за реваншот. Ако играме офанзивно на гости, на Баерн нема да му биде лесно – оптимист е Мбапе, кој на мечот постигна два гола, но и двата беа поништени поради офсајд.
Во 2023 година, ПСЖ има повеќе порази од целата ланска година, што е катастрофален податок за клуб со толку звучни имиња, предводен од тренерот Кристоф Галтие. Поточно од вкупно 11 одиграни меча годинава, Французите имаат ефект од пет порази, едно реми и пет победи, а само во целата 2022 година претрпеа четири порази. Ова беше трет пораз во низа на ПСЖ, нешто што го немаат доживеано од 2020 година.
Фудбалерите, пак, на италијанскиот клуб Милан го добија минимално со 1-0 првиот осминафинален дуел против лондонски Тотнем предводен од италијанскиот тренер Антонио Конте, исто така во рамките на осминафиналната нокаут-фазата во ЛШ. Натпреварот на „Сан Сиро“, во спектакуларна атмосфера, им припадна на домаќините, кои уште на самиот почеток, во седмата минута поведоа со 1-0, со голот на шпанскиот играч за врска Брахим Диаз, резултат што остана непроменет до последниот свиреж на судијата. Реванш-натпреварите во Минхен и во Лондон ќе се одиграат на осми март.
– Беше многу тешко, токму како што очекувавме, но одигравме одговорно и тимски. Можевме да постигнеме уште некој гол, но и противникот ни создаде многу неволји, посебно по прекините. Оваа победа и играта што ја прикажавме, сепак ни даваат морал да успееме во овој двомеч. Ова беше само едно полувреме. Верувам во мојот тим – изјави тренерот на Милан, Стефано Пиоли. Г.И.


Заире-Емери – најмлад играч во нокаут-фазата

Во рамките на првиот осминафинален натпревар меѓу ПСЖ и Баерн Минхен во ЛШ, младиот Варен Заире-Емери влезе во историјата. Тинејџерот во редовите на парижани стана најмлад фудбалер што заиграл во нокаут-фазата во ЛШ, со само 16 години и 343 дена. Претходно ова момче стана и најмлад играч што настапил за ПСЖ во Лига 1, со 16 години и 29 дена. Најмлад фудбалер, пак, што заиграл во ЛШ е Јусуфа Мукоко, кој во декември 2020 година, со 16 години и 18 дена, настапи во редовите на Борусија Дортмунд.


Осминафинале, први дуели

ПСЖ – Баерн М. 0-1
Милан – Тотнем 1-0
Бриж – Бенфика синоќа
Борусија Д. – Челси синоќа
Ајнтрахт – Наполи 21 февруари
Ливерпул – Реал М. 21 февруари
Лајпциг – Манчестер С. 22 февруари
Интер – Порто 22 февруари