Фото: ЕПА

Најкраткото изведување пенали на ЕП се случи во понеделникот, кога Португалија по само вкупно шест изведени пенали ја победи Словенија со 3-0. Португалецот Диого Коста сега ја дели честа за најмногу одбранети пенали (три) со Џанлуиџи Буфон, Икер Касилјас, Унаи Симон и со Џанлуиџи Донарума

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Мечот Португалија – Словенија беше 23-ти натпревар на европските првенства (ЕП) решен на пенали од првиот таков меч на шампионатот во 1976 година, според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА). Решавањето победник на пенали не беше воведено до петтото издание на ЕП во 1976 година. Единствените нерешени натпревари на ЕП дотогаш беа одлучени со фрлање паричка (полуфиналето Италија – Советскиот Сојуз во 1968 година) и со реприза (победа на Италија на дуелот со Југославија во повтореното финале), пишува УЕФА.
Првиот натпревар што беше решен со пенали беше финалето во 1976 година, а Антонин Паненка ѝ донесе победа на Чехословачка на мечот со Западна Германија и ѝ го даде своето име на една смела вештина. Тоа беше прв од 23-те меча решени пенали на ЕП до дуелите во понеделникот на ЕП 2024 и прво од само две во финален натпревар (второто е на ЕП 2020, Италија – Англија).
Во најмногу пенал-серии учествувала Италија, во седум, а на оваа листа потоа се Шпанија со шест, Англија со пет, Холандија и Португалија со по четири, Чехословачка/Чешка, Франција, Западна Германија/Германија и Швајцарија по три, Данска и Полска по две и Хрватска, Словенија, Шведска и Турција по една, пишува УЕФА.
Најмногу вакви победи оствариле Италија и Шпанија, по четири пати, потоа по трипати славеле Чехословачка/Чешка и Португалија, двапати Германија, а по еднаш Данска, Англија, Франција, Холандија, Полска, Швајцарија и Турција.
Најдолгото изведување пенали на ЕП беше во мечот за бронзениот медал на шампионатот во 1980 година, кога по ремито 1-1 Чехословачка ја победи Италија со 9-8 по 18 изведени пенали, како и четврт-финалето во 2016 година, во кое по нерешениот резултат 1-1 Германија ја совлада Италија со 6-5, исто така, по 18 шута од белата точка, пишува УЕФА.
Најкраткото изведување пенали на ЕП, пак, се случи во понеделникот, кога Португалија по само вкупно шест изведени пенали ја победи Словенија со 3-0. Десет голмани се појавија во две или повеќе пенал-серии, а Португалецот Диого Коста од понеделникот ја дели честа за најмногу одбранети пенали (три) со Џанлуиџи Буфон, Икер Касилјас, Унаи Симон и со Џанлуиџи Донарума.
– Тајната на Португалија е Диого Коста, тој е најскриената тајна во европскиот фудбал. Денеска се појави на друго ниво, беше неверојатен во ситуацијата еден на еден, а потоа имаше фокус и квалитет да направи три последователни одбрани во пенал-серијата. Мораме да бидеме многу горди на него – изјави Роберто Мартинез, селектор на Португалија.
Португалецот Кристијано Роналдо, Швајцарецот Фабијан Шер и Италијанецот Леонардо Бонучи се единствените фудбалери што досега учествувале во три пенал-серии, Шер и Бонучи постигнаа по два гола, а Роналдо три, пишува УЕФА. Н.М.


Јубилеен 100-ти удар од белата точка на европските првенства

Пеналот изведен од Кристијано Роналдо, а одбранет од Јан Облак за време на натпреварот Португалија – Словенија во понеделникот на Европското првенство (ЕП) во Германија беше јубилејниот 100-ти на мечеви на европските шампионати, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Така, од 100-те досудени пенали на континенталните првенства на Европа 69 пати е постигнат гол, 23 удари се одбранети, а осум се промашени. Најмногу пенали на едно ЕП имало во 2021 година, вкупно 17, потоа 13 на ЕП 2000, 12 на ЕП 2016, а до мечевите во понеделникот 11 на ЕП 2024, според податоците на УЕФА.


„Успеав да бидам фокусиран цел меч и да ја чекам мојата шанса за да му помогнам на тимот“

Тоа е голема емоција. Успеав да бидам фокусиран цел натпревар и да ја чекам мојата шанса за да му помогнам на тимот. Ова се најтешките натпревари бидејќи едвај ја допирам топката, но напорната работа се исплатеше. Овој пат го направив тоа поинаку. Го следев мојот инстинкт, мислев дека тоа ќе биде најдобрата одлука и беше најдобрата, па затоа сум многу среќен што му помогнав на тимот, тоа е она што е најважно – вели Диого Коста, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА), по мечот Португалија – Словенија, во осминафиналето на Европското првенство во Германија.