Успехот на Челси се одрази и на индивидуалните награди, па Палмер е најдобар фудбалер на финалето и на турнирот, а Санчез е најдобар голман на СП 2025. Челси сезонава славеше во Конференциската лига на УЕФА и вторпат ја освои светската титула, со што сега има вкупно 11 меѓународни трофеи
ЧЕЛСИ ОДНОВО Е СВЕТСКИ КЛУПСКИ ПРВАК
Кол Палмер постигна два гола и асистираше на погодокот на Жоао Педро, во победата на Челси на дуелот со Пари сен Жермен со 3-0 во финалето во Њу Џерси (пред 81.188 гледачи на стадионот „МетЛајф“) на првото проширено клупско фудбалско Светско првенство (СП), кое се одигра во САД, а на кое играа 32 тима од целиот свет. Палмер имаше речиси идентични голови со лева нога од шеснаесетникот во 22-та и во 30-та минута, а потоа испрати додавање што му овозможи на Жоао Педро во 43-та минута да го постигне неговиот трет гол во два меча како стартер за „сините“.
– Одлично чувство е. Уште подобро затоа што очигледно сите се сомневаа во нас пред натпреварот. Тренерот постави одличен план за игра и очигледно знаеше каде ќе има простор – изјави Палмер, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Челси сезонава се пласира на четвртото место во англиската Премиер-лига, што му донесе пласман во Лигата на шампионите за идната сезона, и го освои трофејот во Конференциската лига на Европската фудбалска унија (УЕФА). Клубот од Лондон вторпат ја освои светската титула, откако славеше и во 2021 година, кога тоа беше натпреварување со седум екипи. Челси сега вкупно има 11 меѓународни трофеи, бидејќи има и по две победи во Лигата на шампионите (во 2012 и во 2021 година), Лига Европа (2013, 2019), некогашниот Куп на победниците на куповите (1971, 1998) и во Суперкупот на Европската фудбалска унија (1998, 2021).
– Немам зборови за играчите. За мене, го добивме натпреварот во првите десет минути. Го поставивме темпото, знаевме како сакаме да играме. Денеска најдовме позиција за Палмер, каде што имаше повеќе простор за напад. Трудот од сите играчи беше фантастичен – изјави тренерот на Челси, Енцо Мареска, пренесе Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Успехот на Челси се одрази и на индивидуалните награди на крајот на турнирот, откако Палмер е прогласен за најдобар фудбалер (златна топка), а Роберт Санчез за најдобар голман (златна ракавица) на СП 2025. Палмер е прогласен и за најдобар играч на финалето. Дезире Дуе од Пари сен Жермен ја доби наградата за најдобар млад фудбалер. За овие награди одлучуваше Техничката студиска група на ФИФА, предводена од шефот на ФИФА за глобален развој на фудбалот, Арсен Венгер, пишува ФИФА. Наградата за најдобар стрелец ја доби Гонзало Гарсија (Реал Мадрид), кој постигна четири гола и имаше една асистенција, а признанието за ферплеј на ФИФА го освои Баерн.
Победникот на годинашното клупско Светско првенство, Челси, на својот дрес во следните четири години ќе носи ексклузивната значка на ФИФА за светски шампион, во текот на целото нивно владеење, а Светската фудбалска федерација доделува слични значки на светските прваци за репрезентации за фудбалери и за фудбалерки, потоа во футсал, фудбал на плажа и во Интерконтиненталниот куп, пишува ФИФА.
Реформираниот клупски Мундијал, кој ќе се игра секои четири години, имаше и рекорден награден фонд од една милијарда долари за 32-та клуба учесници, плус значителен и револуционерен модел на глобална солидарност. Од вкупниот награден фонд, делот за спортски перформанси е 475 милиони долари, а тој за учество 525 милиони долари. Во групната фаза победа вредеше два милиона, а реми еден милион долари. Потоа имаше суми за секој пласман понатаму, па, така, 7,5 милиони долари за влез во осминафиналето, 13,125 милиони за четврт-финалето, 21 милион за полуфиналето, 30 милиони за финалистот и 40 милиони долари за победникот на СП 2025, објави ФИФА. За учество, европските клубови добија од 12,81 до 38,19 милиони долари (определено со рангирање врз основа на спортски и комерцијални критериуми), клубовите од Јужна Америка 15,21 милиони долари, клубовите од Северна Америка, Азија и од Африка по 9,55 милиони, а од Океанија 3,58 милиони долари, пишува ФИФА. Н.М.
МЕЃУНАРОДНИ ТРОФЕИ НА ЧЕЛСИ
НАТПРЕВАРУВАЊЕ ГОД.
Лига на шампионите 2012, 2021
Лига Европа 2013, 2019
Куп на победниците на куповите 1971, 1998
Конференциска лига 2025
Суперкуп на УЕФА 1998, 2021
Клупско Светско првенство 2021, 2025