Фото: ЕПА

Се пласиравме меѓу првите четири тима во Премиер-лигата, ја освоивме Конференциската лига и сега сме во финалето на ова натпреварување. Многу сме среќни. Одиме натпревар по натпревар. Конечно го имаме последниот натпревар од сезоната и се надеваме дека ќе можеме да го освоиме турнирот, изјави Енцо Мареска, тренер на Челси, пренесе ФИФА

ФУДБАЛ – ЧЕЛСИ Е ПРВИОТ ФИНАЛИСТ НА КЛУПСКОТО СП 2025

Англискиот фудбалски премиерлигаш Челси ќе игра во своето 11-то меѓународно финале во трка за деветтиот трофеј, откако се пласира во финалето на реформираното клупско Светско првенство (СП) што се игра во САД. Актуелниот победник на Конференциската лига, во полуфиналето на СП 2025 славеше на дуелот со Флуминенсе од Бразил, со 2-0, со двата гола на новоангажираниот фудбалер Жоао Педро, некогашен фудбалер токму на Флуминенсе.
– Ова е големо достигнување. Беше тоа фантастична сезона, се пласиравме меѓу првите четири тима во Премиер-лигата, ја освоивме Конференциската лига и сега сме во финалето на ова натпреварување. Многу сме среќни. Одиме натпревар по натпревар. Конечно го имаме последниот натпревар од сезоната и се надеваме дека ќе можеме да го освоиме турнирот – изјави Енцо Мареска, тренерот на Челси, пренесе Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Челси во третото мундијалско финале ќе игра за втората светска титула, а ривал во тој натпревар в недела (од 21 часот) ќе му биде победникот на синоќешниот втор полуфинален меч на СП 2025, помеѓу Пари сен Жермен (Франција) и Реал Мадрид (Шпанија).

Годинашниот клупски планетарен шампионат е прв на кој настапуваат 32 тима од целиот свет. Европските тимови ќе ја освојат својата 12-та светска титула по ред и 17-та во претходните 18 години, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Клубот од Лондон досега трипати играше во финале во Лигата на шампионите (финалист во 2008 година, победник во 2012 и во 2021 година), потоа по двапати во Лига Европа (два трофеја, во 2013 и во 2019 година), во некогашниот Куп на победниците на куповите (две победи, во 1971 и во 1998 година, а тоа натпреварување во 1999 година се спои со Лига Европа) и на клупските светски првенства (финалист во 2012-та, победник во 2021 година) и еднаш во финале во Конференциската лига (годинава го освои трофејот).
Челси, кој има и пет настапи во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), во кој има два триумфа (во 1998 и во 2021 година), е единствен клуб што ги освои сите пет големи клупски натпреварувања на УЕФА (Лигата на шампионите, Лига Европа, Купот на победниците на куповите, Конференциската лига и Суперкупот). Н.М.


МЕЃУНАРОДНИ ТРОФЕИ НА ЧЕЛСИ

НАТПРЕВАРУВАЊЕ ГОДИНА
Лига на шампионите 2012, 2021
Лига Европа 2013, 2019
Куп на победниците на куповите 1971, 1998
Конференциска лига 2025
Клупско светско првенство 2021
Суперкуп на УЕФА 1998, 2021