Мане победи во 2019 година, Салах во 2017 и 2018, Марез во 2016 година, а на листата за годинава се и Кеита, Алер, Кулибали, Менди, Абубакар, Хакими и Екамби
Сенегалецот Садио Мане ја предводи листата од 10 номинирани за признанието најдобар фудбалер на Африка за сезоната 2021/2022, објави Африканската фудбалска конфедерација (КАФ). Признанието ќе биде доделено во Рабат (Мароко) на 21 јули, првпат по пауза од три години, поради пандемијата на ковид-19.
Мане, кој ја доби последната награда во 2019 година, повторно се смета за фаворит откако му помогна на Сенегал да ја освои првата титула првак на Африка и да се пласира на Светското првенство (СП) во Катар. Мане беше успешен и на клупски план со Ливерпул од каде што летово се пресели во Баерн. Неговите поранешни соиграчи, Мохамед Салах од Египет, кој беше најдобар во 2017 и во 2018 година, и Наби Кеита од Гвинеја, исто така, се меѓу 10-те номинирани, заедно со Ријад Марез од Алжир, член на Манчестер сити, кој го доби признанието во 2016 година. За добитникот на признанието ќе одлучи комисијата составена од членови на техничкиот комитет на КАФ, тренерите и капитените на 54-те африкански репрезентации и новинарите.
На листата со 10 кандидати се: Садио Мане (Сенегал, Ливерпул/Баерн), Мохамед Салах (Египет, Ливерпул), Наби Кеита (Гвинеја, Ливерпул), Ријад Марез (Алжир, Манчестер сити), Себастијан Алер (Брегот на Слоновата Коска, Ајакс/Борусија Д.), Калиду Кулибали (Сенегал, Наполи), Едуард Менди (Сенегал, Челси), Винсент Абубакар (Камерун, Ал Наср), Ахраф Хакими (Мароко, ПСЖ) и Карл Токо Екамби (Камерун, Лион). Л.Д.