Фото: ЕПА

Клубот од Лондон во септември ќе се соочи со 115 обвиненија поради прекршување на финансиските правила

ФУДБАЛ

Манчестер сити, актуелниот фудбалски шампион на Англија, ќе се соочи со вкупно 115 обвиненија на судското рочиште што е закажано во септември годинава, за наводно прекршување на правилата во Премиер-лигата, а крајниот епилог се очекува да биде познат на почетокот на 2015 година. Доколку се докаже дека клубот направил прекршување на финансиските правила, би можел да биде исфрлен од англиската Премиер-лига. Судскиот процес ќе трае околу 90 дена, доколку сѐ оди според планот, пишува лондонски „Тајмс“.
Манчестер сити не се согласува со тоа и ги отфрла сите обвиненија упатени кон него, истакнувајќи дека има доволно докази дека не е виновен. Наводните прекршувања на клубот се однесуваат на недавање точни финансиски информации во текот на девет сезони, недавање целосни детали за паричните примања на поранешниот менаџер Роберто Манчини (2009-2013), како и недавање целосни детали за паричните примања на играчите. Патем, клубот може да загуби и бодови, како што беше случајот со Евертон минатата година.
Како што е познато, УЕФА го казни Манчестер сити во 2019 година со неучество на две сезони во Лигата на шампионите (ЛШ), но Судот за спортска арбитража ја поништи таа казна. Како и сега, и тогаш клубот од Манчестер беше обвинет дека прикривал финансиски детали од работата. Дали овој пат ќе помине поинаку?
– Клубот исто така беше обвинет дека не соработувал со истрагата и не ги предал документите што се барале во текот на петте сезони, од 2018 до 2023 година – пишува меѓу другото „Тајмс“.
Секако отстранувањето на клубот од Премиер-лигата би претставувало најлош исход за овој реномиран клуб, кој досега има вкупно десет шампионски титули во Премиер-лигата, од кои четири се во низа во последните четири години. По вкупниот број на шампионски титули, пак, пред него се само Манчестер јунајтед (20), Ливерпул (19) и Арсенал (13). Г.И.