Македонија денеска (15 ч.) игра на гости со Лихтенштајн, во првото коло во групата Ј, во која се и Велс, Казахстан и Белгија. Црвено-жолтите се во низа од пет победи и пет меча без примен гол, а мрежата на голманот Димитриевски мирува 531 минута. На СП 2026 ќе се пласираат победниците на 12-те групи. Во плејофот, за уште четири места на СП ќе се натпреваруваат 12-те второпласирани и четири од победниците на групите во Лигата на нациите (Македонија, Португалија, Франција, Германија, Шпанија, Чешка, Англија, Норвешка, Велс, Шведска, Романија, Северна Ирска, Сан Марино и Молдавија)
ФУДБАЛ
Македонската фудбалска репрезентација денеска (15 часот) гостува кај Лихтенштајн во првото коло во групата Ј на квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и во Канада. Во истата група денеска се игра и натпреварот Велс – Казахстан (20.45 ч.), а во оваа група е и Белгија, која првите мечеви ќе ги одигра во јуни, бидејќи сега настапува во плејофот за пласман во лигата А на Лигата на нациите.
Црвено-жолтите влегуваат во осмиот циклус квалификации за СП. Во претходниот го постигнаа најдобриот резултат, откако по освоеното второ место во групата се пласира во плејофот за пласман на СП 2022, каде што во полуфиналето ја победија Италија, а во финалето загубија од Португалија.
На планетарниот фудбалски шампионат в година ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи, а за уште четири места на Мундијалот в година ќе се натпреваруваат 12-те второпласирани и четирите најдобри победници на групите во Лигата на нациите што не ги освоиле првите две места во своите квалификациски групи.
Македонија е еден од 12-те победници на групите во Лигата на нациите сезонава, заедно со репрезентациите на Португалија, Франција, Германија, Шпанија (од лигата А), Чешка, Англија, Норвешка, Велс (од лигата Б), Шведска, Романија, Северна Ирска (од лигата Ц), Сан Марино и на Молдавија (од лигата Д).
Црвено-жолтите се во рекордна серија од пет победи по ред во официјални натпревари и, исто така, рекордна низа од пет натпревари без примен гол. Двете серии почнаа во септември лани, со победата дома на дуелот со Ерменија (2-0), во второто коло на лигата Ц во Лигата на нациите, а потоа следуваа триумфите на средбите со Летонија (3-0 на гости, 1-0 дома), Ерменија (2-0 на гости) и со Фарските Острови (1-0 дома). Македонија е и во серија од седум официјални натпревари без пораз, низа што почна во ноември 2023 година со ремито во Скопје, 1-1, со репрезентацијата на Англија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година.
Столе Димитриевски, пак, е најуспешниот голман во Лигата на нациите, откако во групната фаза прими само еден гол и е единствен меѓу чуварите на мрежата што одигра пет натпревари без примен погодок, според статистиката на Европската фудбалска унија (УЕФА). Мрежата на македонската селекција на шесте претходни официјални натпревари се затресе само еднаш, во првото коло на Лигата на нациите, и тоа од пенал, на дуелот со Фарските Острови, на гости, па, така, мрежата на Димитриевски мирува веќе 531 минута, што исто така е рекорд за македонската репрезентација. Н.М.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2025,
ПРВО КОЛО
ГРУПА Г
Полска – Литванија синоќа
Малта – Финска синоќа
ГРУПА Х
Кипар – Сан Марино синоќа
Романија – БиХ синоќа
ГРУПА И
Молдавија – Норвешка 18 ч.
Израел – Естонија 20.45 ч.
ГРУПА Ј
Лихтенштајн – Македонија 15 ч.
Велс – Казахстан 20.45 ч.
ГРУПА К
Англија – Албанија синоќа
Андора – Летонија синоќа
ГРУПА Л
Чешка – Фарски Острови 20.45 ч.
Црна Гора – Гибралтар 18 ч.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ, ПЛЕЈОФ
Црвено-жолтите утре ќе ги дознаат сите потенцијални ривали во лигата Б
По утрешните реванши во плејофот на фудбалската Лига на нациите, Македонија ќе ги добие сите потенцијални ривали во новата сезона на тоа натпреварување, во лигата Б. Македонската репрезентација се пласира во лигата Б откако сезонава во лигата Ц го освои првото место во својата група, со што, пак, црвено-жолтите се и едни од потенцијалните учесници во баражот за пласман на Светското првенство в година во САД, Мексико и во Канада.
Засега, покрај Македонија, сигурни учесници во лигата Б се и репрезентациите на БиХ, Израел, Северна Ирска, Полска, Романија, Шведска и на Швајцарија. Во вториот ранг на Лигата на нациите ќе играат и поразените во плејофот за влез во лигата А и победниците на доигрувањето за влез во лигата Б.
Во трката за трофејот во Лигата на нациите, во реваншите утре со победи по првите мечеви од четврт-финалето во лигата А ќе настапат Хрватска (дома ја победи Франција со 2-0), Данска (дома славеше на дуелот со Португалија со 1-0) и Германија (победи на гости кај Италија со 2-1), а без предност влегуваат Холандија и Шпанија (ремизираа 2-2). Н.М.
ЛИГА НА НАЦИИТЕ
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ, РЕВАНШИ
Шпанија – Холандија утре, 20.45 ч. (2-2)
Франција – Хрватска утре, 20.45 ч. (0-2)
Португалија – Данска утре, 20.45 ч. (0-1)
Германија – Италија утре, 20.45 ч. (2-1)
ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН ВО ЛИГАТА А, РЕВАНШИ
Унгарија – Турција утре, 18 ч. (1-3)
Србија – Австрија утре, 18 ч. (1-1)
Шкотска – Грција утре, 18 ч. (1-0)
Белгија – Украина утре, 20.45 ч. (1-3)
ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН ВО ЛИГАТА Б, РЕВАНШИ
Грузија – Ерменија утре, 15 ч. (3-0)
Исланд – Косово утре, 18 ч. (1-2)
Словенија – Словачка утре, 18 ч. (0-0)
Р. Ирска – Бугарија утре, 20.45 ч. (2-1)
во заградите се резултатите од првите средби