ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2026 ГОДИНА
- Македонија утре со Велс ќе игра и за директен пласман на своето прво СП, што зависи и од резултатот на мечот Белгија – Лихтенштајн. Македонската селекција обезбеди место во доигрувањето за СП 2026 преку Лигата на нациите, со што би била во четвртиот барабан за ждрепката в четврток, но може во плејофот да се пласира и преку второ место во квалификациската група, за место во еден од првите три барабани. Македонија играше во плејфот и за СП 2022, а ова би бил вкупно трет бараж на црвено-жолтите, откако преку таа патека се пласира на дебитантското ЕП, во 2021 година
Македонската фудбалска репрезентација вторпат во низа обезбеди играње во плејоф за пласман на светско првенство (СП), овој пат за планетарниот шампионат што треба да се игра в година, во САД, Мексико и во Канада. Во утрешниот завршен натпревар од групата Ј во квалификациите за Мундијалот во 2026 година, во Кардиф, со Велс, Македонија ќе игра и за директен пласман на СП в година, што зависи и од резултатот на натпреварот помеѓу Белгија и Лихтенштајн.
По одигрувањето на средбите во саботата, јасно е дека Македонија има обезбедено место во доигрувањето за пласман на Светскиот шампионат во 2026 година преку Лигата на нациите. Според правилата, четири од 14-те репрезентации што ги освоија првите места во своите групи во сезоната 2024/2025 во Лигата на нациите, во лигите А, Б, Ц и Д, ќе играат во плејофот, заедно со 12-те второпласирани во квалификациските групи. Четирите од тие 14 селекции ќе бидат оние што нема да бидат на првите две места во своите квалификациски групи.
Црвено-жолтите во тоа рангирање на Лигата на нациите беа на 11. позиција, а според пласманите на табелите во квалификациите по средбите во саботата, најмалку седум подобропласирани селекции на таа табела сигурно ќе бидат меѓу првите две репрезентации во квалификациите и така ослободуваат место за другите репрезентации на таа табела, за влез во плејофот преку Лигата на нациите.
Така, по натпреварите во саботата, на едно од првите две места на табелите во квалификациите сигурно ќе бидат репрезентациите на Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка и на Чешка, па, според тоа, во плејофот преку Лигата на нациите би се пласирале следните победници на групи во Лигата на нациите во тоа рангирање, а тоа во моментов се селекциите на Велс, Романија, Шведска и на Северна Ирска.
Од нив, сигурни се репрезентациите на Романија, Шведска и на Северна Ирска, а прашањето е само дали четвртиот учесник преку оваа патека ќе биде Велс или Македонија, од групата Ј. Репрезентациите што во плејофот ќе играат преку Лигата на нациите, во ждрепката за двојките ќе влезат преку четвртиот барабан.
Македонија пред дуелот со Велс утре е второпласирана во групата Ј и со тој пласман би играла во плејофот преку квалификациите, што, пак, носи место во еден од првите три барабани за ждрепката за плејофот за СП 2026. За задржување на второто место на репрезентацијата на Македонија доволно ѝ е и реми на средбата со Велс.
За директен пласман на Светското првенство во 2026 година на македонската селекција ѝ треба каква било победа на средбата со Велс и пораз на Белгија дома од Лихтенштајн или, победа со седум гола разлика во Кардиф и реми на Белгија.
Македонија играше во плејфот за минатиот Мундијал, во 2022 година, во Катар. Тогаш го освои второто место, зад Германија, во групата Ј, во која беа и Романија, Ерменија, Исланд и Лихтенштајн. Во полуфиналето на доигрувањето за СП 2022, македонската репрезентација ја победи селекцијата на Италија на гости, во Палермо, со 1-0, а во финалето загуби од Португалија, исто така, на гости, со 0-2, во Порто.
Вкупно за репрезентацијата на Македонија ова би бил трет бараж за големите фудбалски натпреварувања, откако преку доигрување првпат се пласира на европско првенство, и тоа за континенталниот шампионат што се играше во 2021 година, во повеќе земји во Европа. Н.М.
Ждрепката ќе се влече в четврток
Второпласираните 12 репрезентации во квалификациските групи за пласман на Светското првенство (СП) в година за ждрепката за плејофот, закажана за в четврток, ќе бидат распределени во три барабани, според пласманот на ноемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Учесниците во плејофот од Лигата на нациите ќе бидат во четвртиот барабан. Според пласманот на ранг-листата објавена во октомври и според тоа кои репрезентации се во трка за второто место во своите групи, Македонија би можела да биде во вториот или во третиот барабан за ждрепката за плејофот, ако биде на второто место во групата Ј.
Во европскиот плејоф за пласман на СП 2026 во САД, Мексико и во Канада, 16-те репрезентации ќе бидат поделени во четири барабани, а ќе се играат по еден полуфинален и финален натпревар.
Селекциите од првиот и од вториот барабан ќе ги играат полуфиналните натпревари дома, и тоа репрезентации од првиот барабан против репрезентации од четвртиот, а тие од вториот барабан ќе се сретнат со селекции од третиот барабан, пишува Европската фудбалска унија.
Домаќините на финалињата на доигрувањето ќе бидат одредени со посебна ждрепка. Н.М.
ПЛАСМАН НА ПОБЕДНИЦИТЕ НА ГРУПИ ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ
РЕПРЕЗ. КВАЛИФ. ЗА СП 2026
1. Шпанија прво или второ место во групата Е
2. Германија прво или второ место во групата А
3. Португалија прво или второ место во групата Ф
4. Франција победник на групата Д
5. Англија победник на групата К
6. Норвешка прво или второ место во групата И
7. Велс прв, втор или трет во групата Ј
8. Чешка втора во групата Л
9. Романија трета во групата Х
10. Шведска трета или четврта во групата Б
11. Македонија прва, втора или трета во групата Ј
12. Северна Ирска трета во групата А
13. Молдавија четврта или петта во групата И
14. Сан Марино петти во групата Х
пласманите во квалификациските групи се по натпреварите во саботата, а редоследот на селекциите е според постигнувањето во Лигата на нациите
ОБЕЗБЕДЕН ПЛАСМАН ВО ПЛЕЈОФОТ ПРЕКУ ЛИГАТА НА НАЦИИ
Романија трета во групата Х
Шведска трета или четврта во групата Б
Северна Ирска трета во групата А
Четвртиот учесник ќе биде селекција од групата Ј, Велс или Македонија

































