ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
- Црвено-жолтите можат да се пласираат на СП 2026 директно, во зависност од резултатите на Белгија, а во плејофот преку второто место во квалификациската група и преку Лигата на нациите. Селекциите што во доигрувањето ќе влезат преку Лигата на нациите ќе бидат во четвртиот барабан за ждрепката, а второпласираните во квалификациите во барабаните еден, два и три, според пласманот на ранг-листата на ФИФА. Репрезентациите од првите два барабана полуфиналето на плејофот ќе го играат дома, а домаќините на финалињата ќе бидат одредени со посебна ждрепка
Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за завршницата на квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада, за дуелот на гости со Велс, во вторник, во трка за една од првите две позиции во групата Ј. Првото место носи директен пласман на СП 2026, а втората позиција настап во доигрувањето заедно со сите второпласирани во групите и со четири најдобри селекции меѓу 14-те победници на групите во Лигата на нации, од сезоната 2024/2025.
Црвено-жолтите, кои пред средбата со Велс играат пријателски меч со Летонија, во Скопје, утре (18 часот), можат да се пласираат на Мундијалот директно, со победа на дуелот со Велс, ако Белгија освои еден бод на двата преостанати меча од овој квалификациски циклус (со Казахстан на гости и со Лихтенштајн дома). Ако Белгија освои два бода, тогаш ќе решава вкупната гол-разлика во групата.
Македонија може на два начина да се пласира во плејофот. За настап во доигрувањето преку второто место во квалификациската група е потребна победа на дуелот со Велс, на гости, на 18 ноември, или нерешен резултат, ако Велс в сабота не го совлада Лихтенштајн на гости со шест гола разлика. Вториот начин за влез во плејофот е преку Лигата на нациите ако Македонија не се пласира на првите две места во својата квалификациска група.
Фудбалската репрезентација на Македонија е една од 14-те селекции што се победници на групите во лигите А, Б, Ц и Д на Лигата на нациите. Според вкупниот пласман на тие 14 селекции, Македонија е на 11. место. Тоа значи дека за македонската репрезентација да влезе во плејофот, потребно е најмалку седум подобро пласирани селекции меѓу тие 14 да освојат едно од првите две места во квалификациите.
Во моментов токму седум селекции се на првите две места во своите групи. Според распоредот на квалификациските натпревари во следниот период можно е сѐ да биде решено и пред Македонија да се сретне со Велс, затоа што тие седум селекции можат да го обезбедат својот пласман на едно од првите две места во своите групи заклучно со понеделник, еден ден пред средбата на Македонија во Кардиф.
Во моментов, по квалификациските средби одиграни во октомври, на првите две места во своите групи се Шпанија (води во групата Е, сигурно ќе биде меѓу првите две селекции), Германија (води во групата А), Португалија (води во групата Ф, сигурно ќе биде меѓу првите две), Франција (води во групата Д), Англија (прва во групата К, обезбеди пласман на СП 2026), Норвешка (води во групата И, сигурно ќе биде меѓу првите две) и Чешка (втора во групата Л).
Разликата помеѓу пласманите во плејофот преку квалификациите и преку Лигата на нациите е во местото во барабаните за ждрепката за плејофот. Така, второпласираните 12 репрезентации во квалификациските групи, пред ждрепката за плејофот ќе бидат распределени во три барабани, според пласманот на ноемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Според пласманот на ранг-листата објавена во септември и според тоа кои репрезентации се во трка за второто место во своите групи, Македонија би можела да биде во секој од трите први барабани за ждрепката за плејофот, ако биде на второто место во групата Ј.
Репрезентациите што во плејофот ќе се пласираат преку Лигата на нациите, пак, за ждрепката за доигрувањето ќе бидат сместени во четвртиот барабан, пишува Европската фудбалска унија.
Селекциите од првите два барабана полуфиналето на плејофот ќе го играат дома, а домаќините на финалињата на доигрувањето ќе бидат одредени со посебна ждрепка.
Во европскиот плејоф за пласман на СП 2026 ќе се играат по еден полуфинален и финален натпревар. Селекциите од првиот и од вториот барабан полуфиналните натпревари ќе ги играат дома, и тоа селекциите од првиот барабан против репрезентации од четвртиот, а тие од вториот барабан ќе се сретнат со репрезентациите од третиот барабан, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.
ПЛАСМАН НА ПОБЕДНИЦИТЕ НА ГРУПИ ВО ЛИГАТА НА НАЦИИ
РЕПРЕЗ. КВАЛИФ. ЗА СП 2026
1. Шпанија води во групата Е
2. Германија води во групата А
3. Португалија води во групата Ф
4. Франција води во групата Д
5. Англија победник на групата К
6. Норвешка води во групата И
7. Велс трет во групата Ј
8. Чешка втора во групата Л
9. Романија трета во групата Х
10. Шведска четврта во групата Б
11. Македонија втора во групата Ј
12. С. Ирска трета во групата А
13. Молдавија петта во групата И
14. Сан Марино петти во групата Х
пласманите во квалификациските групи се по натпреварите во октомври, а редоследот на селекциите е според ефектот во Лигата на нациите
ГРУПА Ј
Казахстан – Белгија петок
Лихтенштајн – Велс петок
Велс – Македонија вторник
Белгија – Лихтенштајн вторник
ТАБЕЛА
Белгија 6 4 2 0 21-6 14
Македонија 7 3 4 0 12-3 13
Велс 6 3 1 2 13-10 10
Казахстан 7 2 1 4 8-12 7
Лихтенштајн 6 0 0 6 0-23 0































