Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН НА МУНДИЈАЛОТ ГОДИНАВА

  • Македонската репрезентација вечерва гостува кај Данска, во полуфиналето на доигрувањето за пласман на СП 2026. Македонија третпат игра во плејоф, на првото учество беше вкупен победник и дебитира на ЕП 2020,
    а второто учество беше за пласман на СП 2022, кога стигна до финалето на тој плејоф

Македонската репрезентација вечерва (од 20.45 часот) ќе игра во Копенхаген, со селекцијата на Данска, што за црвено-жолтите ќе биде трето учество во плејоф за пласман на големо фудбалски натпреварување. Вечерашниот дуел е меч од доигрувањето за пласман на Светското првенство (СП) годинава во САД, Мексико и во Канада. Победникот во вторник ќе игра во финалето на патеката Д од европскиот плејоф, на гости со Чешка или со Република Ирска, во натпревар за пласман на 23. планетарен фудбалски шампионат.
Во првото учество во плејоф, Македонија беше вкупен победник и потоа дебитира на европските првенства (ЕП), на шампионатот што беше закажан за 2020 година, но се одигра во 2021 година, низ Европа. Второто учество на црвено-жолтите во плејоф беше за пласман на Светското првенство во 2022 година во Катар, кога стигна до финалето.

Натпреварот во Копенхаген ќе биде четвртиот меѓусебен дуел на двете репрезентации. Во претходните три, секоја селекција забележа по една победа (Данска со 1-0, Македонија со 3-0), а еден натпревар заврши нерешено, и тоа првиот квалификациски меч на Македонија на меѓународната сцена, во 1994 година, во Скопје, 1-1.
Во патеката А од плејофот за пласман на СП 2026 двојките се Италија – Северна Ирска и Велс – БиХ, домаќин на финалето ќе биде Велс или БиХ, а вкупниот победник на СП 2026 ќе игра во група со Канада, Катар и со Швајцарија. За место на Мундијалот од патеката Б ќе играат Украина – Шведска и Полска – Албанија, а финалето ќе се игра на теренот на првата двојка. Најуспешната селекција од оваа патека на СП 2026 ќе се натпреварува со Холандија, Јапонија и со Тунис. Во патеката Ц ќе играат Турција – Романија и Словачка – Косово. Финалниот меч ќе се игра во Словачка или во Косово, а победникот на тој дуел на светското првенство ќе се сретне со селекциите на САД, Парагвај и на Австралија. Данска – Македонија и Чешка – Република Ирска се двојките од патеката Д, чие финале ќе биде во Чешка или во Република Ирска. Вкупниот победник ќе настапи на планетарниот шампионат во групата со Мексико, Јужна Кореја и со Јужна Африка. Н.М.


ЕВРОПСКИ ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2026

Патека А
1. Италија – С. Ирска 20.45 ч.
2. Велс – БиХ 20.45 ч.
Финале (вторник):
Победник 2 – Победник 1
Патека Б
1. Украина – Шведска 20.45 ч.
2. Полска – Албанија 20.45 ч.
Финале (вторник):
Победник 1 – Победник 2
Патека Ц
1. Турција – Романија 18 ч.
2. Словачка – Косово 20.45 ч.
Финале (вторник):
Победник 2 – Победник 1
Патека Д
1. Данска – Македонија 20.45 ч.
2. Чешка – Р Ирска 20.45 ч.
Финале (вторник):
Победник 2 – Победник 1