ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
- Двете селекции првпат по 31 година ќе играат меѓу себе во официјален натпревар. Победникот на тој дуел, кој е закажан за 26 март, ќе настапи во финалето на плејоф-патеката Д, на гости, на 31 март, кај победникот на мечот Чешка – Република Ирска. Селекцијата што ќе слави на таа финална средба ќе настапи на Светското првенство в година
Македонската репрезентација ќе игра со Данска на гости на 26 март в година, во полуфиналето на плејофот, патека Д, за пласман на Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и во Канада, реши вчерашната ждрепка, влечена во седиштето на Светската фудбалска федерација (ФИФА), во Цирих (Швајцарија).
Победникот на тој дуел ќе игра во финалето на таа плејоф-патека, на гостински терен, на 31 март, со победникот на средбата помеѓу Чешка и Република Ирска, а победникот на тој натпревар ќе настапи на планетарниот шампионат в година, прв на кој ќе играат 48 репрезентации.
Македонија и Данска досега одиграа три меѓусебни средби, секоја селекција забележа по една победа, еден натпревар заврши со нерешен резултат, а вкупната гол-разлика е 4-2 за Македонија. Двете репрезентации играа во иста група во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 1996 година, кога во Скопје беше 1-1 во 1994 година, а во Копенхаген 1-0 за Данска во меч одигран во 1995 година. Македонија ја совлада Данска во пријателски натпревар во 2013 година, во Скопје, со 3-0. Данска, која има шест настапи на мундијалите (најголем успех е пласманот во четврт-финалето, во 1998 година), во квалификациите за СП 2026 беше втора во групата Ц, зад Шкотска, а во таа група беа и Грција и Белорусија.
Другите полуфинални двојки од европскиот плејоф за пласман на СП 2026 се, во патеката А, Италија – Северна Ирска и Велс – БиХ, во патеката Б ќе играат Украина – Шведска и Полска – Албанија, а во патеката Ц ќе се сретнат Турција – Романија и Словачка – Косово.
За Македонија ова ќе биде втор настап во доигрување за пласман на светско првенство, по учеството на плејофот во пресрет на Мундијалот во 2022 година, во Катар. Тогаш во полуфиналето Македонија ја совлада Италија, на гости, во Палермо, со 1-0, а потоа загуби од Португалија со 0-2, исто така на гости, во Порто.
Победниците на сите четири плејоф-патеки ќе се најдат во четвртиот барабан за ждрепката на 5 декември во Вашингтон (САД), кога треба да бидат формирани групите на Светското првенство во 2026 година. Според ноемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација, во првиот барабан за таа ждрепка треба да бидат репрезентациите на домаќините на Светското првенство во 2026 година, САД, Мексико и Канада, како и селекциите на Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија и на Германија. Во вториот барабан треба да се најдат Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија и Австралија, во третиот Норвешка, Панама, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Тунис, Брегот на Слоновата Коска, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија и Јужна Африка, а во четвртиот се Јордан, Зелено’ртската Република, Гана, Курасао, Хаити и Нов Зеланд, како и четирите победници на плејоф-натпреварите во Европа и двата победника на интерконтиненталниот плејоф-турнир. Н.М.
ЕВРОПСКИ ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2026
Патека А
Полуфинале
1. Италија – С. Ирска 26 март
2. Велс – БиХ 26 март
Финале (31 март): Победник 2 – Победник 1
Патека Б
Полуфинале
1. Украина – Шведска 26 март
2. Полска – Албанија 26 март
Финале (31 март): Победник 1 – Победник 2
Патека Ц
Полуфинале
1. Турција – Романија 26 март
2. Словачка – Косово 26 март
Финале (31 март): Победник 2 – Победник 1
Патека Д
Полуфинале
1. Данска – Македонија 26 март
2. Чешка – Р. Ирска 26 март
Финале (31 март): Победник 2 – Победник 1


































