Пред двата дуела неделава во Скопје, со Летонија в четврток и со Фарски Острови в недела, македонската репрезентација го има најубедливото водство пред второпласирана селекција во сите 14 групи во сите четири лиги, А, Б, Ц и Д. Ниту една друга селекција не води со шест бода разлика, пет бода повеќе на врвот на својата група има Германија, никој нема водство од четири бода…
ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ КОЛА ВО ГРУПНАТА ФАЗА СЕЗОНАВА
Македонската фудбалска репрезентација денеска треба да го има првиот собир пред завршните два меча во годинашната групна фаза на Лигата на нациите, со селекциите на Летонија в четврток (20.45 часот) и на Фарски Острови в недела (15 часот), двата во Скопје, во рамките на лигата Ц. Црвено-жолтите се пред обезбедување на првото место во групата четири и со тоа и на пласман во лигата Б за идната сезона на Лигата на нациите, за што е потребен само еден бод од двете средби неделава.
По четири кола, македонската репрезентација го има најубедливото водство пред второпласирана селекција во сите 14 групи во сите четири лиги, А, Б, Ц и Д. Македонија сега има 10 бода, по шест повеќе од репрезентациите на Ерменија и на Летонија, а ниту една друга селекција не води со шест бода разлика.
Пет бода повеќе на врвот на својата група има Германија (лига А, група 3), ниту една селекција нема водство од четири бода, по три бода предност имаат четири репрезентации…, а првите две селекции се бодовно израмнети во три групи (во по една во лигите Б, Ц и Д).
Во лигата А првопласираните две селекции од секоја група ќе играат во четврт-финалето, во трката за трофејот, а во лигите Б, Ц и Д само првите места носат директен пласман еден ранг погоре (второпласираните ќе играат во плејоф-дуели со третопласираните репрезентации од групите од еден ранг погоре).
Згора, според најавите, првото место во групата во секоја од четирите лиги може на четири репрезентации да им донесе и влез во плејофот за пласман на Светското првенство во 2026 година, по завршувањето на редовните квалификации за настап на Мундијалот што треба да се игра во САД, Мексико и во Канада.
По четири кола во лигата А, само селекцијата на Германија и актуелниот првак на Лигата на нациите, репрезентацијата на Шпанија, обезбедија пласман во четврт-финалето.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објави дека денеска почнува продажбата на билетите за дуелите со Летонија и со Фарски Острови, по цена од 200 и од 400 денари, кои ќе може да се набават преку продажната мрежа на „МК-тикетс“. Н.М.