Фото: „Нова Македонија“

Мечот е закажан за 4 септември, во Прага. Македонија ќе го пречека Лихтенштајн на 7 септември, во петиот натпревар во квалификациите за СП 2026, во кои по средбите одиграни во јуни води во групата Ј

ФУДБАЛ

Македонската репрезентација ќе одигра пријателски натпревар со селекцијата на Саудиска Арабија на 4 септември, на стадионот „Викторија“ во Прага (Чешка), информира Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Контролниот меч во Прага ќе биде важен тест за најдобрите македонски фудбалери и можност за селекторот Благоја Милевски да ги провери формата и тактичките замисли пред продолжението на квалификациите за пласман на Светското првенство во 2026 година, по што, само три дена подоцна, Македонија ќе го пречека Лихтенштајн на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, пишува ФФМ.
Црвено-жолтите по квалификациските натпревари одиграни во јуни водат без пораз на табелата во групата Ј, со осум освоени бода на четирите досегашни средби (по две победи и ремија), а потоа следуваат Велс со седум бода (од четири меча), Белгија со четири (два), Казахстан со три (три) и Лихтенштајн без бодови (од три средби). На СП 2026 во САД, Мексико и во Канада ќе играат победниците на 12-те квалификациски групи, а второпласираните ќе настапат во плејофот, заедно со четирите најдобри репрезентации што победија во групите во Лигата на нациите, во лигите А, Б, Ц и Д. Преку плејофот на Мундијалот в година ќе се пласираат уште четири репрезентации. Н.М.