Македонија и Велс, кои досега одиграа два меѓусебни дуела во квалификациите за пласман на СП 2014, вечерва се среќаваат во Скопје (од 20.45 часот). Двете репрезентации во првото коло забележаа победи, Македонија на гости кај Лихтенштајн со 3-0, а Велс дома со Казахстан со 3-1
Македонската репрезентација вечерва (20.45 часот) во Скопје игра со селекцијата на Велс во второто коло на групата Ј во квалификациите за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада, во дуел на репрезентации со серии без пораз. Македонија има шест победи по ред (сите без примен гол) и нема пораз на претходните осум официјални натпревари (квалификациски или во Лигата на нациите, не сметајќи ги пријателските средби), забележувајќи шест победи и два нерешени резултата. Велс, пак, нема пораз на седум меча во низа (четири победи и три ремија) и на 13 официјални средби.
Дуелот е дерби за врвот на табелата во групата Ј, откако двете репрезентации во првото коло забележаа победи, Македонија на гости кај Лихтенштајн со 3-0, а Велс дома со Казахстан со 3-1. Во оваа група е и селекцијата на Белгија, која ќе ги почне квалификациите во јуни, бидејќи сега настапуваше во плејофот за влез во лигата А на Лигата на нациите.
Македонија и Велс досега одиграа два меѓусебни дуела, во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2014 година во Бразил. Во септември 2013 година црвено-жолтите во Скопје славеа со 2-1, а еден месец подоцна Велс победи со 1-0. Во актуелниот состав на Велс има 17 фудбалери што настапуваат во клубови во Англија, четворица во Велс, по двајца во Франција и во Шкотска и еден во Германија.
Победниците на 12-те квалификациски групи ќе играат на СП 2026, а во плејофот за уште четири места од Европа на Мундијалот ќе настапат 12-те второпласирани во квалификациските групи и четири од 12-те победници на групите во Лигата на нациите што не ги освоиле првите две места на табелите во редовните квалификации за планетарното првенство в година. Меѓу 12-те победници на групите во Лигата на нациите се и Македонија и Велс.
Приходот од влезниците за денешниот натпревар ќе биде дониран за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани. Н.М.
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
Црвено-жолтите се во четвртиот барабан пред дебито во лигата Б
Македонската фудбалска репрезентација ќе биде во четвртиот барабан за ждрепката за петтата сезона на Лигата на нациите, за дебито на Македонија во лигата Б. Во четвртиот барабан се и Шведска, Северна Ирска и Косово. Барабаните се комплетираа по завршувањето на плејоф-мечевите за пласман во лигите А, Б и Ц за сезонава.
Во првиот барабан се Шкотска, Унгарија, Полска и Израел, во вториот се Швајцарија, БиХ, Австрија и Украина, а во третиот се Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија. Според правилата, победниците на групите ќе се пласираат во лигата А, второпласираните ќе играат во плејофот за пласман во лигата А, третопласираните ќе настапат во плејофот за опстанок во лигата Б, а четвртопласираните ќе испаднат во лигата Ц. Таа сезона на Лигата на нациите можеби ќе биде поврзана со квалификациите за пласман на Европското првенство во 2028 година, како што беа две од претходните четири.
Од ривалите на Македонија во квалификациите за пласман на Светското првенство в година во САД, Мексико и во Канада, Белгија и Велс ќе играат во лигата А, Казахстан во лигата Ц, а Лихтенштајн во лигата Д.Н.М.