Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА МУНДИЈАЛОТ В ГОДИНА

Македонија по победата на мечот на гости со Казахстан има 11 натпревари без пораз во официјални натпревари (седум без примен гол) и води во групата Ј. Првото место носи директен пласман на СП 2026, а втората позиција обезбедува настап во плејофот. Квалификациите продолжуваат во септември, кога црвено-жолтите ќе одиграат еден меч, со Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација со нови четири бода и во јунскиот квалификациски дел од циклусот за пласман на Светското првенство (СП) в година остана на врвот на групата Ј, без пораз. Македонија во четвртиот меч од овој циклус, во понеделникот на гости оствари победа на дуелот со Казахстан, со 1-0, а неколку дена претходно, дома, ремизира со Белгија, 1-1. Репрезентацијата освои четири бода и во мартовските квалификациски средби, со победата на средбата со Лихтенштајн на гости со 3-0 и со нерешениот резултата дома со Велс, 1-1.

Македонија сега има серија од 11 натпревари без пораз во официјални натпревари (квалификации за светски или за европски првенства и во Лигата на нациите), со ремијата со Англија, Велс, Белгија и со Фарските Острови (сите по 1-1) и победите на средбите со Ерменија, Летонија (по двапати), Фарските Острови, Лихтенштајн и со Казахстан (сите без примен гол).

Европа ќе има 16 претставници на СП 2026. Директен пласман обезбедуваат победниците на 12-те квалификациски групи. Во плејофот ќе настапат 12-те второпласирани од тие групи и четири најдобри меѓу 14-те победници на групите во Лигата на нациите, кои не ги освоиле првите две места во редовните квалификации. Победници на групите во Лигата на нациите се Норвешка, Македонија, Англија, Чешка (сега водечки во квалификациските групи И, Ј, К и Л), Велс (втор во групата Ј), Романија (втора во групата Х, пред средбите вчера), Сан Марино (петто место во групата Х, пред мечевите вчера), Молдавија (петто место во групата И), Португалија, Франција, Германија, Шпанија, Северна Ирска и Шведска (тие шест селекции уште не ги почнале квалификациите).

Црвено-жолтите имаат осум бода (од четири натпревари), а потоа на табелата се Велс со седум бода (од четири меча), Белгија со четири (два), Казахстан со три (три) и Лихтенштајн без бодови (три). Квалификациите за СП 2026 продолжуваат во септември, кога Македонија ќе одигра еден натпревар, со Лихтенштајн, дома, на 7 септември. Н.М.


Освоени се и значајни бодови за ранг-листата на ФИФА

Македонија освои околу 15 нови бода со резултатите на мечевите во јуни во квалификациите за пласман на Светското првенство в година во САД, Мексико и во Канада за новата ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Со новите бодови освоени со ремито со Белгија и победата на средбата со Казахстан, можен е напредок од актуелната 67. позиција на новото рангирање на Светската фудбалска федерација, кое треба да биде објавено на 10 јули. Н.М.