Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – УТРЕ ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024 ВО ГЕРМАНИЈА

Црвено-жолтите се во четвртиот барабан и нема да можат да играат со Грузија, Грција, Турција, Казахстан, Луксембург, Азербејџан, Косово, Бугарија и со Фарските Острови. Македонија, која досега учествуваше во по седум квалификациски циклуси за ЕП и за СП, најголемиот успех во трката за пласман на ЕП го оствари во циклусот за ЕП 2020, со третото место во групата, потоа и со пласманот на тоа континентално првенство низ плејофот на Лигата на нации, а во квалификациите за СП беше втора во циклусот за СП 2022 и беше на чекор до пласман и на мундијал, откако заигра во финалето на баражот

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе ги дознае ривалите за настап во јубилејниот, 15-ти квалификациски циклус за големите натпреварувања, овој пат за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија. Ждрепката ќе се влече во Франкфурт, од 12 часот, а Македонија е во четвртиот барабан, заедно со уште девет репрезентации, со кои нема да може да биде извлечена во иста група, а тоа се селекциите на Грузија, Грција, Турција, Казахстан, Луксембург, Азербејџан, Косово, Бугарија и на Фарските Острови.

Црвено-жолтите досега учествуваа во по седум квалификациски циклуси за европските (во 1996, 2000, 2004, 2008, 2012, 2016 и во 2020 година) и за светските првенства (во 1998, 2002, 2006, 2010, 2014, 2018 и 2022 година). Македонската репрезентација има нагорен тренд во пласманите во квалификациската група во претходните два циклуса. Најголемиот успех во квалификациите за ЕП, Македонија го оствари во циклусот за ЕП 2020, со освоеното трето место во групата, а потоа и со пласманот на тоа континентално првенство низ плејофот на Лигата на нации (ЛН). Во квалификациите за светските првенства (СП), пак, Македонија беше втора во циклусот за СП 2022 и беше на чекор до пласман и на мундијал, откако заигра во финалето на баражот.

Во квалификациите за ЕП 2024 ќе настапат 53 репрезентации, кои ќе бидат поделени во 10 групи. Директен пласман има само домаќинот, Германија. Победниците и второпласираните во сите 10 групи ќе се пласираат на ЕП 2024, а за преостанатите три места ќе се играат три баражи со репрезентации од лигите А, Б и Ц во Лигата на нации, во кој место обезбедија победниците на групите во секоја од тие три лиги. Сепак, ако некоја од тие 12 репрезентации директно се пласира на ЕП 2024 низ квалификациите, таа ќе го отстапи своето место во баражот на друга селекција според правилата за тоа натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА).

Седум групи ќе имаат по пет репрезентации, а во првите четири групи ќе бидат полуфиналистите на Лигата на нации, селекциите на Холандија, Хрватска, Шпанија и на Италија, кои за трофејот во Лигата на нации треба да играат во јуни в година. Другите три групи ќе имаат по шест селекции. Четири големи поранешни фудбалери (сите со настап во финале на ЕП) ќе бидат на сцената за да помогнат при ждрепката, и тоа Јирген Клинсман, Карл-Хајнц Ридле, Џанлука Ѕамброта и Деметрио Албертини, информира УЕФА на својата интернет-страница.

Квалификациите треба да се играат од март до ноември в година. ЕП 2024 треба да се игра од 14 јуни до 14 јули во Берлин, Келн, Дортмунд, Диселдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен, Хамбург, Лајпциг, Минхен и во Штутгарт. Во девет од овие 10 града се играа мечевите и на СП 2006. Првиот натпревар на ЕП 2024 треба да се игра во Минхен, а финалето во Берлин. Германија беше домаќин на ЕП и во 1988 година, како и на четири меча на ЕП 2020 (во Минхен).

ЕП 2024 ќе биде 17-то континентално фудбалско првенство, досега најуспешни се Германија и Шпанија, со по три титули, а актуелен европски шампион е Италија, по триумфот на ЕП 2020, играно лани.