Македонија е во третиот барабан пред ждрепката (од 12 часот) и во квалификациите нема да се сретне со Шкотска, Словенија, Република Ирска, Албанија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, Црна Гора, БиХ и со Израел
ФУДБАЛ
Македонската фудбалска репрезентација денеска со ждрепка (од 12 часот) ќе ги добие ривалите во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, прво на кое ќе настапат 48 селекции и прво што ќе се игра во три земји, САД, Мексико и Канада. Македонија е во третиот барабан, во кој се и Шкотска, Словенија, Република Ирска, Албанија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, Црна Гора, БиХ и Израел. Во најсилниот барабан се европскиот првак Шпанија, светскиот вицешампион Франција, европскиот вицепрвак Англија, Холандија, Хрватска, Португалија, Данска, Италија, Германија, Белгија, Швајцарија и Австрија.
Репрезентациите ќе бидат поделени во шест групи со по четири селекции и во шест групи со по пет репрезентации. Во групите со по пет селекции натпреварите ќе почнат да се играат во март в година, а во тие со по четири репрезентации мечеви ќе има од септември. Вкупно 24 селекции во март 2025 година ќе се натпреваруваат во Лигата на нациите, и тоа осум во четврт-финалето на лигата А и 16 во плејофот за промоција или за испаѓање во лигите А, Б и Ц. Според најавите, осумте четвртфиналисти во Лигата на нациите, Шпанија, Холандија, Франција, Хрватска, Португалија, Данска, Италија и Германија, ќе бидат извлечени како потенцијални ривали, означени како „победник на четврт-финале“ и „поразен во четврт-финале“.
За да може да има паралелно закажување натпревари од квалификациите и во Лигата на нациите во март и во јуни 2025 година, воведени се услови за распределба на репрезентациите во групите со четири или со пет селекции, па, така, четирите победници на четврт-финалето на Лигата на нациите ќе бидат извлечени во групи со по четири репрезентации (групи од А до Ф), а поразените, како и сите други репрезентации од првиот барабан, можат да бидат извлечени во која било од групите, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) во Правилникот за ждрепката. Учесниците во плејофот за промоција/испаѓање, кои се во барабаните 2, 3 и 4, може да бидат извлечени во која било група, под услов таа група да нема веќе селекција што ќе игра мечеви во март во Лигата на нациите, бидејќи секоја група од пет селекции може да има најмногу една таква репрезентација, пишува ФИФА. Селекциите од петтиот барабан ќе играат во групи со по пет репрезентации (групи од Г до Л).
Првопласираните во 12-те групи ќе играат на СП 2026, како и четирите победници на плејофот, во кој ќе настапат 12-те второпласирани во квалификациите и четири победници на групите од Лигата на нациите, но кои нема да бидат на првите две места во своите групи во квалификациите. Македонија е победник на групата 4 во лигата Ц на Лигата на нациите и со тоа е можен учесник во плејофот за пласман на Мундијалот во 2026 година. Н.М.
ФИФА ги назначи домаќините на светските првенства во 2030 и во 2034 година
Сите 211 земји членки на Светската фудбалска федерација (ФИФА) на вонреден конгрес на ФИФА решија Мароко, Португалија и Шпанија да бидат домаќини на Светското првенство (СП) во 2030 година, со три натпревари за прослава на стогодишнината на светските шампионати што ќе се одржат во Аргентина, Парагвај и во Уругвај (по еден во секоја земја), а Саудиска Арабија беше избрана да го организира Светското првенство во 2034 година, објави ФИФА. Назначувањето со акламација на домаќините на изданијата на светските првенства во 2030 и во 2034 година го заокружи темелниот циклус почнат во октомври 2023 година по едногласниот предлог на Советот на ФИФА и поддржан од сите конфедерации, со цел да се обезбедат хармонија и ротација меѓу конфедерациите во однос на циклусот домаќини на турнирот, пишува ФИФА. Н.М.
СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ
БАРАБАН 1: Шпанија, Холандија, Франција, Хрватска, Португалија, Данска, Италија, Германија, Англија, Белгија, Швајцарија, Австрија
БАРАБАН 2: Украина, Шведска, Турција, Велс, Унгарија, Србија, Полска, Романија, Грција, Словачка, Чешка, Норвешка
БАРАБАН 3: Шкотска, Словенија, Република Ирска, Албанија, Македонија, Грузија, Финска, Исланд, Северна Ирска, Црна Гора, БиХ, Израел
БАРАБАН 4: Бугарија, Луксембург, Белорусија, Косово, Ерменија, Казахстан, Азербејџан, Естонија, Кипар, Фарски Острови, Летонија, Литванија
БАРАБАН 5: Молдавија, Малта, Андора, Гибралтар, Лихтенштајн, Сан Марино