ФУДБАЛ

  • Црвено-жолтите може директно да се пласираат на СП ако победат на двете следни средби, а Велс дома ја совлада Белгија. Во случај на реми на тој меч, Македонија потоа со две победи теоретски би можела да биде израмнета на врвот со Белгија, по што прво би решавала вкупната гол-разлика. На СП ќе се пласираат победниците на 12-те групи, како и четири победници на плејофот, во кој ќе настапат 12-те второпласирани од квалификациите и четири од 14-те победници на групите во Лигата на нациите. Македонија води во квалификациите и е меѓу победниците на групите во Лигата на нациите

Македонската фудбалска репрезентација се доближи до пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада со освоениот бод на ремито 0-0 во петокот на гости кај Белгија, а вечерва (од 20.45 часот, арена „Тодор Проески“ во Скопје), во јубилејниот 300. натпревар, ја пречекува селекцијата на Казахстан, средба по која може да биде направен уште еден исчекор кон Мундијалот. Македонија води во групата Ј со 12 бода од шест меча, а потоа се Белгија со 11, Велс со 10, двете од по пет средби, Казахстан со шест и Лихтенштајн без бодови, двете од по шест натпревари.
– Можам да бидам задоволен од играта во одбраната, но не и во организацијата на играта. Извлековме максимум од овој натпревар, иако планот беше да имаме поголем посед, да играме и кон напред. Секако дека и противникот влијаеше на нашата игра. Белгијците имаат одлични играчи во средниот ред. Најважно е дека вечерва го имавме тој „фактор икс“. Да издржиме докрај и кога се браниме, да покажеме карактер. Среќни сме, останавме на првото место и сега треба да се фокусираме на следниот меч против Казахстан, и тоа веднаш – изјави селекторот Благоја Милевски по средбата со Белгија, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
На планетарниот шампионат ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи, како и четири победници на плејофот, во кој ќе настапат 12-те второпласирани од квалификациите и четири од 14-те победници на групите во минатата сезона на Лигата на нациите, а кои не се пласирале на првите две места во своите квалификациски групи. Меѓу победниците на групите во Лигата на нациите е и Македонија.

– Можам да кажам дека сум горд на моите фудбалери, и тоа не само во овие квалификации туку и во претходните години, со настапот во Лигата на нациите, со овој циклус, со речиси загарантиран плејоф. Тоа е изворот на енергијата што ни е потребна за да се движиме напред. Ќе сториме сѐ за да ја оствариме нашата цел. Имаме прекрасни момци, кои секогаш го даваат максимумот и се тука за Македонија – рече Милевски, пренесе ФФМ.
Црвено-жолтите можат директно да се пласираат на СП 2026 ако победат на двете следни средби, со Казахстан вечерва и со Велс во ноември на гости, но и ако вечерва Велс на домашен терен ја совлада Белгија. Во случај на реми на тој натпревар, Македонија потоа со две победи теоретски би можела да биде израмнета со Белгија, по што прво би решавала вкупната гол-разлика во групата. Македонија до крајот на квалификациите за СП 2026 ќе игра со Казахстан (дома) и со Велс (гости), селекцијата на Белгија ќе се сретне со Велс (гости), Казахстан (гости) и со Лихтенштајн (дома), а репрезентацијата на Велс ќе игра со Белгија (дома), Лихтенштајн (гости) и со Македонија (дома).

Во Лигата на нациите македонската репрезентација беше победник на една од групите во лигата Ц, а во вкупниот поредок на победниците беше на 11. место. Тоа значи дека за пласман на Македонија во плејофот за Светското првенство в година преку Лигата на нациите, треба седум репрезентации победнички на групите во Лигата на нациите да освојат едно од првите две места во своите квалификациски групи за СП 2026. Во моментов, по натпреварите во саботата, Македонија има место во плејофот преку таа патека, бидејќи седум подобропласирани селекции меѓу победниците на групите во Лигата на нациите се на првите две места во квалификациските групи, и тоа Шпанија (води во групата Е), Германија (води во групата А), Португалија (води во групата Ф), Франција (води во групата Д), Англија (води во групата К), Норвешка (води во групата И) и Чешка (втора во групата Л). Од другите победници на групи во Лигата на нациите, Велс е трет во групата Ј, Романија е трета во групата Х, Шведска е трета во групата Б, Македонија води во групата Ј, Северна Ирска е втора во групата А, Молдавија е петта во групата И, а Сан Марино е петти во групата Х. Н.М.


Серии без пораз и без примен гол на гости

Фудбалската репрезентација на Македонија е во низа од 13 официјални натпревари без пораз. Таа серија почна со ремито со Англија дома, 1-1, во ноември 2023 година, во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2024 година, а потоа следуваа по шест меча во Лигата на нациите (пет победи и едно реми) и во квалификациите за Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и во Канада (по три победи и нерешени средби). Вкупно на тие мечеви Македонија забележа осум победи и пет ремија, имаше девет средби без примен гол, постигна 22 погодока, а вкупно четири пати се затресе мрежата на црвено-жолтите (еднаш од пенал). Згора, македонската репрезентација нема примено гол на гости на пет официјални средби по ред (531 минута во низа), и тоа две цели средби во Лигата на нациите и 81 минута од еден меч и три цели во квалификациите за Мундијалот в година. Н.М.


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026

ГРУПА Ј
Белгија – Македонија 0-0
Казахстан – Лихтенштајн 4-0
Македонија – Казахстан 20.45 ч.
Велс – Белгија 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 6 3 3 0 11-2 12
Белгија 5 3 2 0 17-4 11
Велс 5 3 1 1 11-6 10
Казахстан 6 2 0 4 7-11 6
Лихтенштајн 6 0 0 6 0-23 0
ПРЕОСТАНАТИ СРЕДБИ ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2026
Македонија Казахстан (дома), Велс (гости)
Белгија Велс (гости), Казахстан (г.), Лихтенштајн (дома)
Велс Белгија (дома),
Лихтенштајн (гости),
Македонија (дома)
ПЛАСМАН НА ПОБЕДНИЦИТЕ НА ГРУПИ ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ
РЕПРЕЗ.            КВАЛИФ. ЗА СП 2026
1. Шпанија води во групата Е
2. Германија води во групата А
3. Португалија води во групата Ф
4. Франција води во групата Д
5. Англија води во групата К
6. Норвешка води во групата И
7. Велс трет во групата Ј
8. Чешка втора во групата Л
9. Романија трета во групата Х
10. Шведска четврта во групата Б
11. Македонија води во групата Ј
12. С. Ирска втора во групата А
13. Молдавија петта во групата И
14. Сан Марино петти во групата Х
пласманите во квалификациските групи се по натпреварите во саботата, а редоследот на селекциите е според ефектот во Лигата на нациите