Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

  • Македонија вечерва (20.45 часот) игра на гости со Велс, во завршниот натпревар од групната фаза од квалификациите за СП 2026, со шанси за директен пласман и обезбеден плејоф

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот) во Кардиф се среќава со Велс, во завршниот натпревар од групната фаза од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада, по кој ќе биде јасно дали црвено-жолтите ќе се пласираат директно на Мундијалот или дали во плејофот ќе влезат како второпласирани во групата или преку Лигата на нациите. Македонија, која игра за деби-пласман на светските шампионати, е во низа од 14 официјални средби без пораз (еден од циклусот квалификации за Европското првенство во 2024 година, шест во Лигата на нациите и седум во актуелните квалификации за пласман на СП 2026), при што се забележани осум победи и шест ремија.
Со директен пласман на СП 2026, можен со победа на дуелот со Велс и со пораз на Белгија дома од Лихтенштајн (или со реми на тој дуел, а победа на Македонија со седум гола разлика во Кардиф), Македонија ќе го очекува извлекувањето на ждрепката на групите за СП 2026, закажано за 5 декември, во Вашингтон (САД).
Ако Белгија слави на дуелот дома вечерва, тогаш средбата на Македонија со Велс ќе решава во кој барабан ќе бидат црвено-жолтите за ждрепката в четврток, во Цирих (Швајцарија). Ако Македонија биде втора во групата Ј (тоа е можно и со реми на средбата во Кардиф), најверојатно ќе биде во третиот барабан, а ќе биде во четвртиот барабан ако биде трета во групата Ј, со што во плејофот ќе влезе преку Лигата на нациите, како еден од четирите победници на групите во лигите А, Б, Ц и Д, кои ќе стекнат право на настап во доигрувањето.
Според правилата, четири од 14-те репрезентации што ги освоија првите места во своите групи во сезоната 2024/2025 во Лигата на нациите, во лигите А, Б, Ц и Д, меѓу кои е и Македонија, ќе играат во плејофот, заедно со 12-те второпласирани во квалификациските групи. Четирите од тие 14 селекции ќе бидат тие што нема да бидат на првите две места во своите квалификациски групи.
Репрезентациите што во плејофот ќе влезат преку успехот во Лигата на нациите ќе бидат сместени во четвртиот барабан за ждрепката задутре, а во полуфиналето на баражот ќе играат на гости со некоја селекција од првиот барабан.
Другите учесници во плејофот, 12-те второпласирани во групите, ќе бидат распределени во првите три барабани, според пласманот на репрезентациите на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), која ќе биде објавена в четврток.
По квалификациските натпревари одиграни во неделата, сигурни учесници во плејофот се Украина, Република Ирска, Италија, Албанија и Чешка како второпласирани во своите групи, како и Шведска, Романија и Северна Ирска преку Лигата на нациите. Од тие осум селекции во плејофот за минатото СП, во 2022 година во Катар играа Италија, Шведска, Украина и Чешка.
За Европа има вкупно 16 места на СП 2026, и тоа за 12-те победници на групите и за уште четири репрезентации што ќе слават во плејоф-натпреварите. Во доигрувањето во март идната година за пласман на Мундијалот ќе се игра по еден полуфинален и финален натпревар. Селекциите од првиот и од вториот барабан полуфиналните дуели ќе ги играат дома, и тоа репрезентациите од првиот барабан против репрезентации од четвртиот, а тие од вториот ќе се сретнат со селекции од третиот барабан, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Домаќините на финалињата на бараж-натпреварите ќе бидат одредени в четврток, со посебна ждрепка. Н.М.


Групата Ј е најнеизвесната во европските
квалификации за СП 2026

Групата Ј од европските квалификации за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) во 2026 година во САД, Мексико и во Канада се покажа како најнеизвесна, оти само во неа до последното коло три репрезентации конкурираат за првото место, а тоа се Белгија, Македонија и Велс.
Во другите 11 групи сѐ беше решено или пред последното коло или во последната рунда во трка за директен пласман на Мундијалот се по две селекции.
Групите А, Б, Х и Ј на планетарниот шампионат во 2026 година можат да имаат по три репрезентации, откако покрај победниците, шанса преку плејофот ќе имаат уште по две селекции од соодветните групи (како второпласирани или преку успехот во Лигата на нациите од сезоната 2024/2025), а во комбинација се Германија, Словачка и Северна Ирска од групата А, Швајцарија, Косово и Шведска од групата Б, Австрија, БиХ и Романија од групата Х и Белгија, Македонија и Велс од групата Ј. Н.М.