Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

  • Од тимовите на ранг-листата на УЕФА, на која клубовите се рангирани според резултатите во пет сезони (вклучувајќи ја и сезонава), во првото коло победија првите шест, а вкупно не загубија првите девет тима на таа листа

Новата сезона во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) почна поефикасно од ланската, победи забележаа 14 тима, меѓу нив ланските полуфиналисти, првакот Пари сен Жермен, вицешампионот Интер, Арсенал и Барселона, вкупно со само еден примен гол, а четирите дебитанти забележаа по една победа и пораз и две ремија. На првите 18 меча сезонава во ЛШ беа постигнати 67 гола, 10 повеќе од воведното коло во минатата сезона. Просекот на годинашното прво коло е 3,72 гола по натпревар (лани во целата сезона 3,27).

Од тимовите на актуелната ранг-листа на Европската фудбалска унија (УЕФА), на која клубовите се рангирани според резултатите во пет сезони (вклучувајќи ја и сезонава), во првото коло победија првите шест (Реал Мадрид, Баерн, Интер, Манчестер сити, Ливерпул и Пари сен Жермен), а вкупно не загубија првите девет тима на таа листа (ремизираа Баер и Борусија Дортмунд, победи Барселона).

Кристијано Роналдо и Лионел Меси први постигнаа многу рекорди, но Килијан Мбапе и Ерлинг Холанд се стремат побрзо да ги достигнат истите пресвртници. Роналдо и Меси поставија серија рекорди во нивната децениска доминација во европскиот фудбал, но некои од нивните други рекорди во елитното клупско натпреварување во светот се чинат достижни, пишува УЕФА. Холанд стигна до 50 гола во ЛШ во помалку натпревари од кој било друг играч, за време на натпреварот на Манчестер сити со Наполи од првото коло сезонава. Претходно Мбапе во петтото коло лани за Реал Мадрид го постигна 50-от гол во Лигата на шампионите во неговиот 79. настап, а сега тој има 57 погодока на 88 меча, пишува УЕФА. Холанд постигна 50 гола на 49 меча во ЛШ, станувајќи играчот што најбрзо постигнал 30 гола (надминувајќи го претходниот најдобар резултат на Руд ван Нистелрој, на 34 натпревари), потоа 40 (на 35 средби, десет помалку од Холанѓанецот) и сега 50 гола (на 49, 13 побрзо од Ван Нистелрој). Роберт Левандовски ги постигна своите први 80 гола во Лигата на шампионите на 100 натпревари (два помалку отколку што му беа потребни на Меси)…

ЛШ, прво коло: Атлетик Б. – Арсенал 0-2, Бенфика – Карабах 2-3, Јувентус – Борусија Д. 4-4, Реал Мадрид – Марсеј 2-1, Тотенхем – Вилјареал 1-0, ПСВ – Унион СЖ 1-3, Баерн – Челси 3-1, Олимпијакос – Пафос 0-0, Славија – Бодо 2-2, Ајакс – Интер 0-2, Ливерпул – Атлетико М. 3-2, Пари сен Жермен – Аталанта 4-0, Клуб Бриж – Монако 4-1, Копенхаген – Баер 2-2, Ајнтрахт – Галатасарај 5-1, Манчестер сити – Наполи 2-0, Њукасл – Барселона 1-2, Спортинг – Каират 4-1.

Идно коло (30 септември и 1 октомври): Аталанта – Клуб Бриж, Каират – Реал М., Атлетико – Ајнтрахт, Челси – Бенфика, Интер – Славија, Бодо – Тотенхем, Галатасарај – Ливерпул, Марсеј – Ајакс, Пафос – Баерн, Карабах – Копенхаген, Унион СЖ – Њукасл, Арсенал – Олимпијакос, Монако – Манчестер сити, Баер – ПСВ Ајндховен, Борусија Д. – Атлетик Б., Барселона – Пари сен Жермен, Наполи – Спортинг, Вилјареал – Јувентус. Н.М.