Фото: ЕПА

Ливерпул е во финалето на Лига-купот на Англија, во четвртото коло на ФА-купот, води во Премиер-лигата и како првопласиран влезе во осминафиналето на Лигата на шампионите

Ливерпул се пласира во финалето на фудбалскиот Лига-куп на Англија и за одбрана на трофејот освоен лани ќе игра со Њукасл, на 16 март, на стадионот „Вембли“. Ливерпул во полуфиналето го победи Тотенхем со вкупен резултат 4-1, по победата завчера дома со 4-0.
Со тој пласман Ливерпул остана во трка за редок успех, четири трофеи во една сезона. Избраниците на тренерот Арне Слот, покрај тоа што се во финалето на Лига-купот, водат во англиската Премиер-лига, со шест бода повеќе од второпласираниот Арсенал и имаат еден натпревар помалку, ќе играат во осминафиналето на Лигата на шампионите, во чија лигашка фаза го освоија првото место, а Ливерпул е и во четвртото коло на ФА-купот на Англија (утре се среќава со членот на дивизијата Чемпионшип, Плимут, на гости).
– Ливерпул нема да се занесе од високите очекувања за освојување четири трофеи сезонава. Не, очекувањата се дека треба да се справиме и да се обидеме да победиме на секој натпревар пред нас, а не четири трофеи или да размислуваме за тоа што „може да биде“ во меѓувреме. Секој натпревар што ќе го играме ќе биде тежок, од сега до крајот на сезоната. Да се биде во секое натпреварување ќе биде фантастично, се надевам, бидејќи тоа е она за што работиме. Да видиме. Мислам дека само треба да уживаме, да не се грижиме за другите тимови, само за себе. Тоа им го велам на колегите – изјави капитенот Вирџил ван Дајк, пренесе „Ројтерс“. Н.М.