Фото: „Нова Македонија“

Англиските клубови од највисоката фудбалска лига ги надминаа инвестициите во трансфери на тимовите од Серија А, Бундеслигата, Лига 1 и од Ла лига заедно, откако премиерлигашите досега потрошиле 2,26 милијарди фунти за фудбалери. Сегашниот англиски рекорд е 2,36 милијарди фунти, од летниот преоден рок во 2023 година

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

На десетина дена до заокружувањето на летниот преоден рок во англиската Премиер-лига, клубовите се на добар пат да потрошат рекордна сума за нови фудбалери, откако податоците од „Фудбал трансфер“ покажуваат дека клубовите од најсилната англиска лига веќе потрошиле 2,26 милијарди фунти за фудбалери од кога се отвори трансфер-периодот во почетокот на јуни, пишува „Би-би-си“. Тоа е зголемување од 12,7 проценти во однос на 1,97 милијарда фунти потрошени во текот на летото во 2024 година. Сегашниот рекорд изнесува 2,36 милијарди фунти за време на летниот преоден рок во 2023 година.
Клубовите од Премиер-лигата одново трошат повеќе од нивните странски колеги, пишува „Би-би-си“. Англиските клубови од највисоката фудбалска лига ги надминаа инвестициите во трансфери на тимовите од италијанската Серија А, германската Бундеслига, француската Лига 1 и од шпанската Ла лига заедно. Клубовите во Премиер-лигата потрошија вкупно една милијарда фунти повеќе отколку што собраа од продажба. Единствената друга врвна европска фудбалска лига што има минус нето-потрошувачка е Ла лига, откако шпанските клубови летово потрошија 35 милиони фунти повеќе отколку што заработија, пишува „Би-би-си“.
Трите најголеми ангажмани на фудбалери во Премиер-лигата досега летово, во однос на платените такси, беа за играчи од клубови од Бундеслигата, и тоа Флоријан Вирц (од Баер во Ливерпул), за 100 милиони фунти, 116 милиони фунти со додатоци, Хуго Екитике (од Ајнтрахт во Ливерпул), за 69 милиони фунти, 79 милиони фунти со додатоци, и Бенјамин Шешко (од Лајпциг во Манчестер јунајтед), за 66,3 милиони фунти, 73,7 милиони фунти со додатоци.
Во меѓувреме, Серија А е фудбалската лига со најголеми трошоци надвор од Премиер-лигата, откако италијанските клубови досега вложија 783 милиони фунти. Најголемото засилување надвор од Премиер-лигата летово е трансферот на Луис Дијаз од Ливерпул во Баерн, во договор вреден вкупно 65,5 милиони фунти, вклучувајќи ги и додатоците, пишува „Би-би-си“.
Ова беше невообичаен трансфер-прозорец, бидејќи имаше два дела. Првиот се отвори помеѓу 1 и 10 јуни, поради исклучителниот период на регистрација поврзан со клупското Светско првенство (СП) што се играше во САД. Вкупно 400 милиони фунти беа потрошени пред да се отвори традиционалниот трансфер-прозорец, на 16 јуни, а кој треба да трае до 1 септември.
Шест клуба од англиската Премиер-лига ги соборија своите трансфер-рекорди ова лето. Брентфорд вложи 42,5 милиони фунти за ангажман на напаѓачот Данго Уатара од Борнмут, кој, пак, потроши 34,6 милиони фунти за централниот бек Бафоде Диаките, новопромовираните Барнли и Сандерленд платија 25, односно 26 милиони фунти, за играчите од средниот ред, Лесли Угочукву, односно Хабиб Диара, чиј договор би можел да се зголеми на 30 милиони фунти со додатоци, Нотингем форест летово двапати го собори својот рекорд за трансфери, прво за крилниот играч Дан Ндоје од Болоња, потоа за крилниот играч Омари Хачисон од Ипсвич за 37,5 милиони фунти, во јуни, Ливерпул го ангажира Вирц од Баер за загарантирани 100 милиони фунти и дополнителни 16 милиони фунти во додатоци, а доколку се постигнат овие додатоци, ангажманот на Вирц ќе стане британски рекорд за трансфери, пишува „Би-би-си“.
Од актуелните 20 клуба во англиската фудбалска Премиер-лига, во претходните четири години вкупно 16 го соборија својот рекорд за трансфери. Н.М.