Златниот медал би бил совршен начин да се заврши меѓународната кариера, која трае повеќе од 20 години, за време на која постигна рекордни 118 гола на 183 меча за Бразил, играше и на шест СП, рекордерка е со 17 гола на СП, има 13 на ЛОИ, таа е шесткратна светска фудбалерка на годината…
ФУДБАЛ
Марта не може а да не биде малку носталгична на својот последен голем турнир со бразилската фудбалска репрезентација, но за 38-годишната шесткратна светска фудбалерка на годината дојде време конечно да се повлече, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Придонесов со она што требаше да го дадам за репрезентацијата. Се чувствувам многу удобно да си заминам затоа што кога погледнувам околу мене, гледам навистина, навистина добри играчи, млади играчи, кои можат да продолжат да ја вршат работата и да продолжат да го претставуваат Бразил толку добро. Имав 14 години, заминав оддома и оттогаш живеам само фудбал секој ден. Едноставно чувствувам дека можеби е време да се оддалечам малку од тоа и да ги оставам младите да блеснат – рече Марта, која ќе игра на своите шести летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз пред да ѝ го предаде тимот што го води на следната генерација.
Златниот медал би бил совршен начин да се заврши меѓународната кариера, која трае повеќе од 20 години, а нејзините соиграчки го знаат тоа.
– Чувствувам дека секогаш кога ќе стапнете на теренот, играјќи со Марта покрај вас, тоа е голема одговорност. Таа е одлична фудбалерка и сега мораме да играме за неа. Таа беше мојот најголем идол кога растев. Да играм со неа сега е сон за мене – рече фудбалерката од одбраната Рафаел.
Марта постигна рекордни 118 гола на 183 меча за Бразил. Покрај нејзините шест ЛОИ, таа играше и на шест светски првенства (СП), рекордерка е со 17 гола на СП, а има 13 олимписки гола, еден подалеку од рекордот на колешката од Бразил, Кристијане. Марта пораснала играјќи уличен фудбал со момчињата во Доис Риахос, град во источен Бразил, на околу 2.000 км северно од Рио де Жанеиро. Таа имаше само 17 години кога се појави на СП 2003.
– Секако дека го носам целото искуство што го постигнав во мојата кариера, како играњето на големи турнири како ЛОИ и СП, играњето против добри тимови и играчи. Затоа, се обидувам да го споделам најдоброто од мене и најдоброто од она што го живеам во фудбалот со играчите за да ги направам да се чувствуваат удобно или да се чувствуваат гордо што се таму – рече таа.
Покрај многуте признанија што Марта ги освои, едно нешто ѝ побегна, шампионски трофеј на голем меѓународен турнир, пишува АП. Најдобриот пласман на Бразил на светско првенство беше второ место во 2007 година. Бразил освои сребрени медали и на ЛОИ во 2004 и во 2008 година.
– Со тоа што таа вели дека овие се нејзините последни ЛОИ, тоа само носи поголема одговорност за неа и за нас да го завршиме овој турнир на добар начин со титула што националниот тим ја нема, а ни таа ја нема – вели репрезентативката Адријана.
Домаќин на СП 2027 ќе биде Бразил, а Марта не размислува да остане уште три години. Но, таа ѝ кажа на Федерацијата дека ќе помогне на секој можен начин. Нејзините омилени моменти со националниот тим се ЛОИ 2004, нејзини први Игри, кога Бразил се пласира во финалето, и СП 2007, кога ја освои „златната копачка“ со седум гола.
– Страста е таа што ја покажуваме кога играме, страста е таа што ја гледаме кога луѓето слават гол. Ги правиме луѓето среќни. Ги правиш сите луѓе среќни и ги правиш луѓето да сонуваат, и не станува збор само за фудбалот туку и за тоа како е да се верува. Верувај во себе. Верувај во својот потенцијал. Така, фудбалот ти дава многу такви работи. И за мене, тоа е најдобриот дел – рече Марта, пренесе АП. Н.М.