Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Том Брејди, Вејн Грецки, Арон Џаџ и Шекил О’Нил ќе бидат асистенти, а поранешниот капитен на Англија, Рио Фердинанд, ќе ја води ждрепката. Македонската репрезентација ќе игра во европскиот плејоф за пласман на СП 2026, а победникот на таа плејоф-патека Д во денешната ждрепка ќе влезе преку четвртиот барабан

Составите на групите на Светското првенство (СП) во фудбал в година во САД, Мексико и во Канада ќе бидат одредени денеска со влечењето ждрепка во Вашингтон (САД), од 18 часот. Македонската репрезентација ќе игра во европскиот плејоф за пласман на СП 2026, а победникот на таа плејоф-патека Д (полуфинале на гости со Данска, победникот за пласман на Мундијалот ќе гостува кај победникот на средбата Чешка – Република Ирска) во ждрепката ќе влезе преку четвртиот барабан.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) го објави исклучителниот собир на спортски легенди што ќе ги водат гледачите низ овој возбудлив настан, легендата на ФИФА и поранешен капитен на репрезентацијата на Англија, Рио Фердинанд, еден од најславните дефанзивци на својата генерација, ќе го води извлекувањето, потпомогнат од наградуваната меѓународна водителка Саманта Џонсон, а заедно, тие ќе ја водат публиката низ навистина невидено извлекување, според официјалните процедури, пишува Светската фудбалска федерација.
На сцената ќе им се придружи извонредна екипа од икони од повеќе спортови од американски фудбал, кошарка, бејзбол и од хокеј на мраз. Седумкратниот шампион на Супербоул во Националната лига во американски фудбал (НФЛ), Том Брејди, членот на Куќата на славните во Националната хокеарска лига (НХЛ) и четирикратен шампион на купот Стенли, Вејн Грецки, седумкратниот олстар-играч на бејзбол-лигата (МЛБ), Арон Џаџ од Њујорк јенкис, и четирикратниот шампион на НБА-лигата и член на Куќата на славните, Шекил О’Нил, ќе бидат асистенти на ждрепката, поврзувајќи ги световите на глобалниот фудбал и најпознатите спортови во Северна Америка, пишува ФИФА. За да го заокружи ѕвездениот состав на спортски легенди на влечењето на ждрепката, двократниот шампион на НФЛ, Ели Менинг, ќе ја донесе својата карактеристична харизма на настанот како домаќин на црвениот тепих, пишува Светската фудбалска федерација.
За да се обезбеди натпреварувачка рамнотежа, при изготвувањето на распоредот на натпреварите се утврдени два одделни пата до полуфиналето, па, за да се има избалансирана распределба на репрезентациите, четирите највисокорангирани селекции на светската ранг-листа на Светската фудбалска федерација за ноември, кога ќе бидат извлечени, ќе ги имаат следниве ограничувања: највисокорангираната репрезентација (Шпанија) и второпласираната селекција (Аргентина) ќе бидат извлечени во спротивни патеки, а истиот принцип ќе важи и за репрезентациите на третото (Франција) и на четвртото (Англија) место, пишува ФИФА.
Ова ќе осигури дека, доколку ги освојат првите места во своите групи, двете највисокорангирани селекции нема да се сретнат пред финалето. Ниту една група нема да има повеќе од една репрезентација од ист континент, а тоа важи за сите континенти, освен за Европа, која на СП 2026 е претставена со 16 селекции.
Планетарниот фудбалски шампионат в година ќе биде првиот на кој ќе настапат 48 репрезентации (од СП 1998 играа по 32). Со ждрепката, учесниците ќе бидат поделени во 12 групи. Најдобрите две селекции од секоја група, како и осум најдобри меѓу третопласираните репрезентации, ќе играат во шеснаесеттинафиналето.
Вкупно 104 натпревари на СП 2026 ќе се играат во Торонто, Ванкувер (Канада), Гвадалахара, Мексико Сити, Монтереј (Мексико), Атланта, Бостон, Далас, Хјустон, Канзас Сити, Лос Анџелес, Мајами, Њујорк/Њу Џерси, Филаделфија, Сан Франциско и во Сиетл (САД).
Досега на СП 2026 се пласираа вкупно 42 репрезентации, преостанатите шест места ќе бидат пополнети преку европските (четири селекции) и глобалните (две) плејоф-натпревари, а тие шест репрезентации ќе влезат во ждрепката од четвртиот барабан. Трите домаќини на Светското првенство в година се меѓу 12-те носители на ждрепката, заедно со репрезентациите на Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија и на Германија. Н.М.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА СП 2026

1 Канада, Мексико, САД, Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија, Германија
2 Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија, Австралија
3 Норвешка, Панама, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Тунис, Брегот на Слоновата Коска, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Африка
4 Јордан, Зелено’ртска Република, Гана, Курасао, Хаити, Нов Зеланд, победници на европските плејоф-патеки А, Б, Ц и Д, победници на плејоф-турнирите на ФИФА 1 и 2