Плачков остави едно убаво фудбалско минато на кое се сеќаваат сите љубители на фудбалот. Кон крајот на минатиот век тој беше тренер на Победа и на Силекс по една сезона

ОД ФУДБАЛСКОТО МИНАТО (3)

Во втората половина на минатиот век низ ФК Вардар поминаа неколку фудбалери од поранешните југословенски простори, но најмногу од Србија. Скопскиот клуб, кој веќе имаше изградено реноме и високо котираше во југословенскиот фудбал, беше магнет за сите млади и талентирани фудбалери. Но не само за нив туку и за оние што посериозно зачекорија на фудбалскиот терен и веќе имаа создадено име во фудбалскиот свет.
Еден од оние што оставија силен печат во нашиот најпопуларен клуб секако е Лазар Плачков. Тој беше забележан од тогашниот тренер Душан Варагиќ и на негово инсистирање раководството на Вардар го доведе во својата средина. Нешто слично како што беше случајот со Јован Дробац, кој дојде во Вардар една година порано, така и за Плачков тренерот Варагиќ гарантираше дека станува збор за квалитетен играч што ќе биде од голема корист за тимот.
И навистина беше така, Плачков заигра со голем ентузијазам и првите негови настапи беа охрабрувачки. Вардаровите симпатизери уште од првите моменти го прифатија, а тоа за новодојдениот фудбалер беше многу значајно. Ќе беше лошо ако тие изразеа барем мал сомнеж во неговите квалитети. За среќа, такво нешто немаше и од првите моменти вратата за Плачков беше ширум отворена.
Сега остануваше само да го даде својот полн ефект во играта на Вардар и настојувањето клубот да се пласира што повисоко на прволигашката табела.

Не ги изневери очекувањата

Лазар Плачков уште во почетокот стана еден од столбовите на вардаровата одбрана, а неговите фудбалски можности одеа многу повеќе од тоа да биде само одбранбен играч, па така често се наоѓаше и на позициите на кои се појавуваше и како градител на играта. Така, момчето што беше родено во Бачкo Градиште во 1942 година и кое ја почна кариерата во ФК Вршац, стана стандардно во Вардар. Многумина и не ја знаеја неговата фудбалска биографија, но тоа не им беше значајно. Битно беше што со своите квалитети Плачков заслужуваше да го носи дресот на Вардар.
Веќе немаше дилеми оти тој го најде своето фудбалско место, а колку беше значаен за Вардар говори и податокот што тој од 1966 година, кога го имаше првото прволигашко деби против Војводина (исто и како неговиот претходник Дробац), настапуваше за Вардар сѐ до 1974 година. Мислам оти ќе биде интересно да го погледнеме и составот на Вардар кога Лазар Плачков на 21 август 1966 го имаше своето деби во прволигашката конкуренција: Милошевски, Дробац, Поповски-Чик, Плачков, Мечкаров, Дојчиновски (Сулејманов), Ковачевски, Георгиев, С. Мојсов, Ѓурица и М. Спасовски. Инаку, според новинарските извештаи, средбата Војводина-Вардар на стадионот во Нови Сад ја следеле околу 10 илјади гледачи.

Секогаш максимално подготвен

Диме Георгиев, кој настапуваше токму во годините кога и Плачков беше во Вардар, за фудбалерите од калибарот на Плачков, од оваа временска дистанца вели оти таквите играчи се вистинско богатство да ги имаш во сопствената средина.
– Симпатизерите на Вардар, па и јас, ќе го паметиме Плачков како еден од најстандардните во тимот, кој играше без осцилации и постојано беше подготвен да го даде својот максимум. Сигурно многу од нив се сеќаваат и на неговите игри во првиот настап на клубот во Средноевропскиот куп или како што го нарекуваа Митропа-купот во 1967 година, кога двапати го совладавме италијанскиот прволигаш Калјари со по 1-0. Плачков беше во тимот и следната година, кога повторно игравме во истиот меѓународен куп. Но овој пат имавме незабележителен настап, бидејќи по двете средби со Адмира од Виена уште во првото коло бевме елиминирани. Во секој случај, можам да кажам оти играч со такви квалитети како Плачков беше добродојден за секој клуб – нѐ потсети на тоа време Диме Георгиев.
Од Диме дознавме и една вистина. Имено, во тој период кога Плачков беше во својот играчки зенит за него биле заинтересирани повеќе југословенски клубови, но тој му остана верен на Вардар.
– Мислам дека и тој почувствува дека ако си оди,ќе направи голема грешка, зашто во Вардар веќе имаше создадено име и беше почитуван од сите. Во една таква ситуација, едноставно немаше ниту една причина поради која би го напуштил нашиот клуб – вели тој.
Во периодот додека настапуваше за Вардар, Плачков одигра 189 првенствени или вкупно со пријателските и меѓународните натпревари забележа 347 настапи. Навистина импресивна бројка, која потврдува за каков фудбалер станува збор и што значеше Плачков за Вардар додека ги бранеше неговите бои.

Состав со многу познати имиња

Во годините по земјотресот, кога на многу полиња животот во Скопје беше замрен, Вардар како да беше најголемиот мотиватор кај граѓаните да се врати оптимизмот. Затоа, управата на клубот настојуваше да обезбеди квалитетни играчи, покрај оние домашните, за да може тимот успешно да им се спротивставува на сите прволигаши. Вардар, кој од поодамна ги имаше освоено симпатиите кај фудбалската јавност во Македонија, со своите игри стана интересен и со симпатии се следеа неговите настапи и од пошироката, не само од македонската јавност.
За тоа, секако, заслуга имаа и фудбалерите, кои настојуваа да излезат од стегите на многуте шеми, кои во тоа време беа многу форсирани од тренерите, и да играат онака со мерак и романтично. Токму тоа го правеше Вардар да биде популарен и секаде беше пречекуван со симпатии. Можеби ова е вистински момент да се потсетиме и на вардаровиот состав, кој беше шаренолик и многу интересен за фудбалските гурмани од Белград, Загреб, Сплит, градовите од кои потекнуваа клубовите на „големата четворка“, но и од оние градови што во поскромни услови успеваа да ги одржат своите клубови и да изборат место „под сонцето“ во југословенскиот фудбал, како што се, на пример, Тузла, Ниш, Нови Сад, Љубљана, Бања Лука, Приштина, Осиек, Винковци, Суботица, Зеница, Риека, Марибор, Подгорица (тогаш Титоград), Никшиќ итн.
Сега да се потсетиме и на сите фудбалери токму од сезоната кога Лазар Плачков заигра за Вардар, а тимот на крајот беше осмопласиран во Првата лига: Мето Спасовски (капитен), Кирил Дојчиновски, Јован Дробац, Димитар Ковачевски (Шишко, дојде од Работнички), Петар Шулинчевски, Драган Мутибариќ, браќата Илија, Сократ и Лазар Мојсови, Атанас Мечкаров, Ѓоко Георѓиевски, Живко Поповски-Чик, Петар Дончиќ, Крсто Врбица, Диме Георгиев, Живко Ефтимовски, Сретен Ѓурица, Михајло Чаршавски, Коста Милошевски-Коки, Мите Атанасовски, Рамадан Сулејманов. Најмногу прволигашки мечеви во вкупно 30-те кола одиграа Спасовски и Плачков, по 28. И овој податок говори дека ако за Мето беше вообичаено да одигра толку мечеви, за Плачков беше доказ оти Вардар во него добил добро засилување.

Тренер во Победа и во Силекс

Интересно е оти Лазар Плачков откако ја заврши играчката кариера остана во Македонија. Тој им ги пренесуваше своите искуства на помладите фудбалери, а беше тренер и во два клуба, кои играа значајна улога во македонскиот фудбал. Прво, многу години по завршувањето на играчката кариера, дојде во прилепска Победа. Кормилото на популарниот клуб го презеде во 1997 година. Поради многу околности, Плачков во Прилеп остана само една сезона. Симпатизерите на Победа беа изненадени од ваквиот чекор на тренерот, кој веќе ги имаше освоено нивните симпатии, но тој веројатно имаше свои причини што реши да замине. Потоа, за неговите услуги беше заинтересиран Силекс, клуб што во тој период беше фактор во Македонската лига, а три години од 1996 до 1998 едноподруго ја освојуваше и шампионската титула. Затоа кога дојде понудата од кратовци, тој ја прифати и една сезона беше тренер на Силекс. Можеше да остане и подолго, но во секој случај Плачков имаше свој придонес Силекс да се стандардизира како прволигаш и без проблеми да го продолжи своето учество во ПМФЛ.
Тоа беше дел од кариерата на Лазар Плачков, која најмногу беше „врзана“ за Вардар, каде што всушност ги доживеа своите најубави фудбалски мигови. Инаку, неговиот животен пат заврши во Белград во 2013 година. Тој ја напушти животната сцена, но сеќавањата на него не бледнеат и неговото име ќе остане запишано во вардаровата историја.