Ламине Јамал и Нико Вилијамс се двајца од досега истакнатите играчи на годинашното Европско првенство, пишува УЕФА
ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
Местото на Шпанија во фудбалскиот пантеон е обезбедено со нејзините пет сениорски трофеи, три европски, една светска титула и пехар во Лигата на нациите, но поминаа точно 60 години откако оттаму најавија дека ќе одат по титула со помош на двајца крилни играчи во почетните 11, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Тогаш го освоија Европското првенство (ЕП) во 1964 година со магичните таленти Амансио и Карлос Лапетра. Низ генерациите потоа, кога трофеите почнаа да се освојуваат, играчите од средниот ред работеа поинаква работа заснована на посед на топката, Давид Силва, Андрес Иниеста, Марко Асенсио, Сеск Фабрегас меѓу другите, со повремени улоги за поединци како Педро или Јереми Пино. Деновиве ударните линии на Шпанија им припаѓаат на возбудливите фудбалери Ламине Јамал и Нико Вилијамс, двајца од досега истакнатите играчи на годинашното Европско првенство, пишува УЕФА.
Јамал стана најмладиот стартер на европските првенства, потоа го додаде признанието за најмлад асистент на својот и онака неверојатен број достигнувања. Вилијамс, пак, беше прогласен за играч на натпреварот во победата на Шпанија со 1-0 против актуелниот европски шампион Италија.
– Ламине и јас сме навистина слични. Сакаме да гледаме видеа од одлични фудбалери, а ние сме „улични“ играчи. Затоа се разбираме еден со друг. Постојано се шегуваме. Тоа е пријателство што се роди во Грузија лани, се баравме со топката и тој го постигна својот прв репрезентативен гол, на 16 години. Што се однесува до мене, уметноста да се биде крилен напаѓач е главно психолошка, можете да видите страв во очите на дефанзивецот ако поминете покрај него. Имав спектакуларна вечер против Италија, но не се сметам себеси за еден од најдобрите на овој турнир – изјави Вилијамс за шпанскиот дневен спортски весник „Марка“, пренесе УЕФА.
Тешко е да се тврди дека едниот е поспектакуларен од другиот. Јамал и Вилијамс ги делат околу 70 метри преку теренот, разликата во возраста од четири години и нивните клубови, Барселона и Атлетик Билбао. Сепак, ги обединуваат пријателството, вродената смелост и заедничката цел: победа на ЕП 2024, пишува УЕФА.
– Мислам дека асистенциите ви даваат поголема радост, бидејќи им помагате на соиграчите. Но, кога ќе постигнете гол, тоа е позадоволувачко, се чувствувате надвор од телото. Не можам да го опишам со зборови – рече Јамал за официјалната интернет-страница на ЕП 2024, а за неговата способност постојано да ја избира вистинската опција кога ја има топката, тој додаде: „Постојат моменти кога размислувате, но поголемиот дел од времето е без размислување. Сметам дека тоа е дарба“, пренесе УЕФА. Н.М.
ФУДБАЛ – ЕП 2024 ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Швајцарија – Италија 2-0
2. Германија – Данска 2-0
3. Англија – Словачка 2-1
4. Шпанија – Грузија 4-1
5. Франција – Белгија синоќа
6. Португалија – Словенија синоќа
7. Романија – Холандија 18 ч.
8. Австрија – Турција 21 ч.
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
А. Шпанија – Германија петок, 18 ч.
Б. Победник 6 – победник 5 петок, 21 ч.
В. Англија – Швајцарија сабота, 18 ч.
Г. Победник 7 – победник 8 сабота, 21 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник А – победник Б 9 јули
Победник Г – победник В 10 јули
финалето е на 14 јули во Берлин