Фото: ЕПА

Убедени сме дека прославата на стогодишнината ќе биде единствена, па затоа предлагаме, првпат, оваа годишнина да се одржи со 64 репрезентации, истовремено на три континента, рече Алехандро Домингез, претседателот на КОНМЕБОЛ

ФУДБАЛ

Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОН­МЕ­БОЛ) официјално предложи на Светското првенство во 2030 година да настапат 64 репрезентации, овозможувајќи им на повеќе земји можност да се приклучат на прославите за стогодишнината од турнирот, соопшти во четвртокот јужноамериканското фудбалско тело, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Домаќини на Светското првенство во 2030 година ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко, а воведните натпревари ќе се одржат во Уругвај, каде што се одржа првото Светско првенство, во 1930 година, како и во Аргентина и во Парагвај.
– Убедени сме дека прославата на стогодишнината ќе биде единствена, бидејќи 100 години се слават само еднаш. И затоа предлагаме, првпат, оваа годишнина да се одржи со 64 репрезентации, истовремено на три континента – рече Алехандро Домингез, претседателот на КОНМЕБОЛ.
Светското првенство веќе е проширено од 32 на 48 репрезентации за изданието следната година во САД, Мексико и во Канада, а Светската фудбалска федерација (ФИФА) претходно соопшти дека ќе го разгледа предлогот за проширување на Светското првенство во 2030 година на 64 репрезентации, пишува „Ројтерс“. Н.М.


БРОЈ НА УЧЕСНИЦИ НА СП

ГОДИНИ РЕПРЕЗ.
1930, 1950 13
1938 15
1934, 1954-1978 16
1982-1994 24
1998-2022 32
2026 48