Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Очекувањата се многу високи, бидејќи имавме многу, многу успешно СП 2022. Летвичката е поставена многу високо и не можеме да одиме пониско. Почнавме да работиме на подготовките на судиите веднаш по СП во Катар, со избирање кандидати, кои поминаа низ различни семинари, ги следевме настапите, физичката подготвеност, здравјето, исхраната. Сѐ е многу, многу професионално. Работиме со врвни специјалисти во различни области. Навистина не оставаме камен непревртен за да ги подготвиме, професионално да ги подготвиме, рече Колина, претседателот на Комитетот за судии на ФИФА

Очекувањата за судењето на Светското првенство во 2026 година се многу високи, бидејќи имавме многу, многу успешно Светско првенство во Катар, во 2022 година. Значи, секако, летвичката е поставена многу високо и не можеме да одиме пониско, Пјерлуиџи Колина, претседателот на Комитетот за судии на Светската фудбалска федерација (ФИФА), кој учествуваше на панел за судење и за иновации пред вчерашната ждрепка во Вашингтон (САД), за групите на Светското првенство (СП) во 2026, во САД, Мексико и во Канада, пренесе ФИФА.
Колина зборуваше за внимателната подготовка за СП в година, велејќи дека сѐ е направено за да се обезбеди што е можно повисоко ниво. Тој рече дека подготовките за првото СП на кое учествуваат 48 репрезентации почнаа речиси веднаш штом заврши турнирот во Катар, пишува Светската фудбалска федерација.
– Почнавме да работиме на подготовките на судиите веднаш по завршувањето на Светското првенство во Катар, со избирање кандидати што поминаа низ различни семинари во различни делови од светот. Продолживме и ги следевме нашите судии во однос на нивните настапи, ги следевме нивната физичка подготвеност, нивното здравје, исхраната. Сѐ беше проверено и контролирано за судиите да бидат подготвени – рече Колина.
Потоа ќе следуваат семинари за судиите, во различни делови од светот, во првата половина од 2026 година.
Самиот Колина судеше на машкиот фудбалски турнир на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Атланта во 1996 година и вели дека современата подготовка на судиите е непрепознатлива од тие денови, пишува ФИФА.
– Ако се осврнам на времето кога бев на ЛОИ 1996 и го споредам она што го правевме, или она што го правеа судиите на СП во 1998 и во 2002 година, на кои судев, и го споредам со она што го прават судиите денес, или она што го правиме со судиите денес, навистина е како ноќ и ден – рече тој.
Судиите сега се подложени на прецизни подготовки, поддржани од тим специјалисти од различни области, за да знаат точно што да очекуваат кога ќе почне натпреварот.
– Сѐ е многу, многу професионално. Работиме со врвни специјалисти во различни области. Навистина не оставаме камен непревртен за да ги подготвиме, професионално да ги подготвиме – рече Колина.
Судењето е тесно поврзано со иновациите, а на клупското СП годинава беа тестирани камери за тело за судиите и напредна полуавтоматизирана технологија за офсајд. Во Програмата за иновации ФИФА ги поканува компаниите, стартапите, истражувачките институти, како и секој иноватор да споделат идеи со Светската фудбалска федерација за тоа како играта може дополнително да се подобри, пишува ФИФА. Н.М