Фото: ЕПА

Во март, Јапонија, Нов Зеланд, Иран и Аргентина први се пласираа на СП 2026 и им се придружија на кодомаќините Канада, Мексико и САД. Од утре следуваат нови квалификациски дуели во Азија, Јужна Америка, Северна Америка и во Европа

ФУДБАЛ – УТРЕ ПРОДОЛЖУВААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ

На 20 март Јапонија стана првата репрезентација што им придружи на кодомаќините Канада, Мексико и САД на Светското првенство (СП) идната година, неколку дена подоцна тоа го направија и Нов Зеланд, Иран и Аргентина, а по квалификациските мечеви во јуни има уште неколку репрезентациите што можат да се пласираат на Мундијалот, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Репрезентацијата на Узбекистан останува во добра позиција и ако не загуби на дуелот со Обединетите Арапски Емирати в четврток, ќе се пласира на СП 2026, првпат во својата историја, а селекцијата на Обединетите Арапски Емирати е единствената друга репрезентација од групата А што останува во игра за директен пласман, но ќе ѝ треба победа против Узбекистан за да ги задржи шансите пред последното коло од натпреварите на 10 јуни, пишува ФИФА. Четири репрезентации остануваат во комбинација за директни квалификации во групата Б, Јужна Кореја, Јордан, Ирак и Оман. Ј. Кореја ќе го обезбеди своето место на СП в четврток доколку не загуби од Ирак, Јордан, пак, ќе се квалификува за првото СП истиот ден ако го победи Оман, а Ирак загуби од Ј. Кореја. Во групата Ц, претендентите Австралија, Саудиска Арабија и Индонезија остануваат во потрага за директен пласман заедно со Јапонија. Само Австралија може да го обезбеди своето место в четврток, но ќе треба да ја победи Јапонија и да се надева дека Саудиска Арабија нема да победи против Бахреин, пишува ФИФА.
Додека неколку јужноамерикански селекции би можеле да ги освојат своите места на СП во јуни, Еквадор е единствената репрезентација што може да се пласира во 15. коло. За да го стори тоа, Еквадор, сега втор на табелата, со два бода повеќе од Уругвај, Бразил и од Парагвај, мора дома да го победи Бразил и да се надева дека Венецуела ќе ремизира со Боливија. Уругвај, Бразил, Парагвај и Колумбија, исто така, би можеле да се пласираат подоцна во јуни, но не се во позиција да ги обезбедат своите места со победа на првиот меч од нивните јунски квалификациски средби, пишува ФИФА.
На другите континенти во јуни ниту една репрезентација нема да обезбеди пласман на СП 2026, откако првите следни мечеви во Африка се во септември, а неодамна почнаа квалификациите во Северна Америка и во Европа. Од Океанија, иако загуби во финалето на квалификациите, Нова Каледонија уште има шанси да игра на СП, бидејќи ќе настапи на плејоф-турнирот на ФИФА. Годинава ќе бидат одредени 42 од 48-те учесници на СП 2026, а в година уште шест преку плејоф-мечеви, и тоа четири од Европа, како и две репрезентации од турнирот на ФИФА, на кој ќе играат две селекции од Северна Америка и по една од Азија, Африка, Јужна Америка и од Океанија, пишува ФИФА. Н.М.


ФУДБАЛ

Белгија без Куртоа на дуелот со Македонија

Белгискиот голман Тибо Куртоа се повлече од репрезентацијата на таа земја за нивните воведни два натпревара во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД поради повреда на грбот, објави агенцијата „Ројтерс“. Белгија игра со Македонија в петок во Скопје, а в понеделник дома со Велс.
Нордин Џакерс од Клуб Бриж е повикан во белгискиот состав за натпреварите, а голманот на Нотингем форест, Мац Селс, се очекува да го заземе местото на Куртоа на голот за двата натпревара од групата Ј. Повредата може да ги намали и шансите на Куртоа за настап на клупското Светско првенство во САД за Реал Мадрид, пишува „Ројтерс“.
По двете кола од квалификациите за СП 2026 одиграни во март, Македонија води во групата Ј со четири бода, колку што има и Велс, Казахстан има три, а Белгија, која досега не одигра ниту еден натпревар, и Лихтенштајн се без бодови. Н.М.