• Основан во 1939 година, Мјалби пред девет години беше на еден натпревар од испаѓање во четвртата лига, никогаш не освоил голем трофеј и обично играл надвор од највисоката лига, но сега има водство од осум бода на шест кола пред крајот на сезоната. Не е лошо за тим составен претежно од локално родени фудбалери, кои играат домашни натпревари во место со околу 800 жители, чиј тренер е директор на училиште, а скаут е поштар, пишува АП. Неверојатното патување на Мјалби е приказна за напорна работа, здрав разум и смели одлуки засновани на податоци на теренот и надвор од него

Во оддалечено рибарско село покрај брегот на Балтичко Море, едно од најзначајните достигнувања во европскиот фудбал е блиску до реализација, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). „Направи го невозможното можно“ е една од мантрите што се наоѓаат на ѕидовите и слајдовите во шведскиот клуб Мјалби. И токму тоа се случува. Мјалби има водство од осум бода на шест кола пред крајот на сезоната во највисоката лига на Шведска, откако загуби само еден натпревар сезонава, а е на пат и кон најголем број бодови во 101-годишната историја на лигата.
Не е лошо за тим составен претежно од локално родени фудбалери, кои играат домашни натпревари во место со околу 800 жители на јужниот брег на Шведска, чиј тренер е директор на училиште, а скаут е поштар, пишува АП. Само пред девет години клубот беше на еден натпревар од испаѓање во четвртата лига.
– Доколку ја освоиме титулата, не можам да замислам дека нешто би било блиску до ова достигнување. Големината на клубот, нашите услови, нашата финансиска сила, мислам дека никој не бил блиску до ова – изјави за АП претседателот на Мјалби, Магнус Емеус.
Неверојатното патување на Мјалби до работ на она што би можело да се спореди со незамисливата титула на Лестер во англиската Премиер-лига во 2016 година е приказна за напорна работа, здрав разум и смели одлуки засновани на податоци на теренот и надвор од него во клуб што е срцето на мала тесно поврзана заедница, пишува АП.
– Тоа е бајка. Сега често нѐ прашуваат како го правиме ова. Важно е да се каже дека не го направивме ова само годинава туку работиме многу години – вели директорот на Мјалби, Јакоб Ленартсон, преку видеоповик за АП.
Емеус го опишува домот на Мјалби во Страндвален со капацитет за 6.000 гледачи, кој се наоѓа во селото Хелевик, како „најубаво сместен фудбалски стадион во Шведска“.
– Ако ја шутнете топката навистина силно и далеку над голот, таа нема да биде далеку од Балтичко Море – рече Емеус.
Руралната и изолирана локација е таква што гостинските тимови може да се чувствуваат како да возат до крајот на светот, рече Емеус со насмевка, пренесе АП.
– Веројатно им е прекуглава од тоа што никогаш не стигнуваат до стадионот. Возиш и возиш и возиш и возиш, а потоа конечно или мора да возиш во Балтичко Море или на стадионот – рече тој.
Риболовот долго време е доминантна индустрија во овој дел од светот, каде што има и огромни површини обработливо земјиште и претприемачки дух што помага во движењето на локалната економија, пишува АП.

ПРЕСВРТНИЦА

Основан во 1939 година, Мјалби никогаш не освоил голем трофеј и обично играл надвор од највисоката лига, играјќи низ регионалните лиги. Голем пресврт се случи во 2015 година со доаѓањето на Емеус, локален бизнисмен што се вратил во регионот откако работел за компании низ Европа. Тој ја прифатил понудата да стане претседател на Мјалби, кој во тоа време бил во Втората лига и од година на година имал финансиски загуби, и, според неговите зборови, „воспоставил методологија што ја научил во деловниот живот“. Стратешките планови и амбициозните цели беа поставени надвор од теренот, а беа вработени нови тренери и беше преземена обврска клубот да се потпира на домашни играчи што би можеле да се продадат за профит.
Мјалби го доби својот последен натпревар во сезоната 2016 и остана во Третата дивизија, а потоа освои две последователни промоции во повисок ранг во 2018 и во 2019 година за да се врати во Првата лига.
Неверојатниот подем кон титулата се случи во последните две години, под водство на тренерот Андерс Торстенсон, поранешен фудбалер на младинскиот тим на Мјалби, кој стана учител, повремено помагајќи и како краткорочен тренер на клубот. Торстенсон беше ангажиран третпат како тренер во 2023 година и наскоро му се придружи асистентот Карл Мариус Аксум, кој има докторат по визуелна перцепција во елитниот фудбал, но никогаш не тренирал на сениорско ниво. Раководството на Мјалби забележа дека Норвежанецот Аксум ги објавил своите тактички верувања и принципи на голема публика на социјалните медиуми и сметал дека е тренерот што треба да помогне тимот познат по тоа што е дефанзивен да се промени во тим што игра поофанзивно. Мјалби минатата сезона постигна клупски рекорд од 50 бода, имаше највисока просечна статистика за посед на топка досега (се искачи до 51 отсто) и создаде повеќе шанси, рече Аксум.
Сезонава Мјалби има најдобра одбрана (17 примени гола), втор најефикасен напад (44), загуби само еден од досегашните 24 натпревари, а 57-те поени на тимот се рекорд во оваа фаза од сезоната и му требаат уште 11 за да го собори рекордот во лигата од 67 на Малме, пишува АП..
– Не е изненадување што играме добар стил на фудбал. Секако, изненадување е што ние сме водечки на табелата. Сите во селото, во продавниците, во околината, живеат бајка. Не можат да поверуваат што се случува – изјави Аксум за АП.

ТИТУЛАТА?

Пред мечевите викендов Мјалби водеше на табелата со осум бода пред второпласираниот Хамарби и 14 од третопласираниот АИК.
– Сонував за пласман во европски натпреварувања и да можам да го гледам Мјалби во странство. Но, освојувањето на титулата веројатно никогаш не ми паднало на памет – рече навивачот на Мјалби, Јохан Цедерблад, кој патува за домашните натпревари на тимот од Стокхолм, оддалечен 520 километри, пренесе АП.
За Аксум, Мјалби е уште „далеку од освојување на лигата“. Тоа не ги спречува навивачите да веруваат дека сонот може да се претвори во реалност.
– Не сме тука поради среќа. Имаме верба, имаме добри луѓе, играчи, тренери, вработени и мислам дека сме скромни и имаме свој идентитет. Тоа е голема сила – рече Ленартсон. Н.М.