Тимот на Влатко Андоновски, кој е прв, со осум бода повеќе од второпласираниот Орландо, сезонава забележа 11 победи, одигра шест меча без примен гол, оствари шест победи по ред, го има најефикасниот напад…
ПРВЕНСТВО НА САД ЗА ФУДБАЛЕРКИ
Канзас сити карент е во убедливо водство по првиот дел од регуларната сезона во првенството на САД за фудбалерки, откако тимот на македонскиот стручњак Влатко Андоновски во 13. коло победи во уште еден натпревар без примен гол, овој пат со 1-0, дома, на дуелот со Ејнџел сити. Канзас сити сега има 33 бода по 11-те победи и два пораза.
Тимот на Андоновски, кој има шест натпревари без примен гол и шест победи по ред, што е втора најдолга серија победи во регуларната сезона во клупската историја, останува на врвот на табелата како единствен тим без загубен бод дома сезонава. Канзас сити го има најефикасниот напад сезонава, со 29 постигнати гола, а тимот прими 10 погодока, колку што има и актуелниот првак Орландо, кој на второто место на табелата има осум бода помалку. Трет е Сан Диего со 10 бода помалку, но и одигран еден меч помалку (утринава со Вашингтон, дома).
– Тоа беше тешка победа, но поради некоја причина ја прославивме малку повеќе од претходните, кога победувавме со два, три или четири гола разлика. Многу сум среќен затоа што за да бидеш успешен во оваа лига, понекогаш треба само да најдеш начин. И јас сум многу горд на сите играчи, кои беа фокусирани и концентрирани до крајот и најдоа начин – изјави Андоновски, пренесе Канзас сити карент на својата интернет-страница.
Во првенството на САД сега следува едномесечна пауза, поради одигрувањето на континенталните фудбалски првенства во Европа и во Јужна Америка. По 26-то коло следува плејофот, во кој ќе играат осумте најдобри тима во лигата, во која настапуваат 14 клуба. Н.М.